Ален Зекиров, некогашниот телохранител на ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков го доби судскиот спор против Министерството за внатрешни работи за неговиот отказ. На 15 октомври на Зекиров му биле исплатени нешто над 51 илјада евра како надомест на штета поради неисплатени плати и придонеси за време на престанокот на работниот однос, пишува Призма.
Граѓанскиот суд пресече, а Скопска апелација потврди дека отказот што го добил во 2018 година бил незаконски. Според пресудата, на Зекиров со потпис на поранешниот министер Оливер Спасовски му бил откажан договорот за вработување во 2018 година. Причината за отказот од МВР е што сторил потешка дисциплинска повреда со учество во собраниските настани од 27 април 2017.
Судиите пресудиле дека не само што Зекиров незаконски добил отказ, туку дека има право да се врати на работа, а државата требало да му исплати 99 илјади денари за трошоци за водење на постапката.
Зекиров му беше телохранител на Мијалков од 2006 до 2012 година, беше правосилно осуден на шестмесечна затворска казна поради тоа што усмрти пешак.