Колапсот на јавниот градски превоз кој од вчера кулминираше, ја поттикна солидарноста кај граѓаните кои преку социјалните мрежи се организираат за да стигнат до своите работни места. Во пресрет на утрешниот протест пред Град Скопје, социјалните мрежи се преплавени со објави во кои граѓаните кои имаат автомобили им нудат превоз на своите сограѓани.
Еден од нив пишува дека додека одел на работа утрово застанал со автомобилот и качил тројца граѓани кои чекале на една од автобуските потојки.
-Луѓето чекале 45 минути автобус на ладново – пишува скопјанецот.
Водителот Ване Маркоски исто така повика доколку на некој му е потебен превоз да му пише за да се организираат.
Слична е и објавата на скопјанка која во една од групите на социјалната мрежа Фејсбук, ги повика своите сограѓанки да ја контактираат доколку им треба преввоз.
„Можам да земам три жени, затоа што позади имам бебе во седиште, ама ќе се стуткаме“, се вели меѓу другото во објавата на младата жена. Нејзиниот гест предизвика лавина позитивни реакции, дури и од оние кои немаат потреба од превоз.
„Ме воодушевивте со постапката, ви посакувам секое добро во животот“, коментира една од корисничките на оваа социјална мрежа.
„Штета што немаше номинација за ЖЕНА НА ГОДИНАТА…Ти, која и да си, прекрасна дамо ќе ја земеше првата награда во покажување човечност… Е тоа малку ни остана…Секоја чест“, коментира друга жена.
Хаосот со автобусите во главниот град им го искомплицира функционирањето на граѓаните. Дел од учениците сведочат дека добиваат неоправдани изостаноци поради тоа што доцнат на настава, а проблем за да стигнат на предавање имаат и студентите. Намалувањето на бројот на автобуси кои сообраќаат ја прели чашата и граѓаните своето незадоволство ќе го искажат утре преку протест пред канцелариите на Гад скопје.
Протестот ќе се одржи во 13:30 часот на иницијатива на градоначалникот на Шуто Оризари, Куто Дудуш. Своето присуство го потврдија и студентите застапувани преку Универзитетското студентско собрание кое до градоначалничката Данела Арсовска адресираше ултиматим во кој бара нови и ефикасни транспортни решенија и конечно отпочнување на инфраструктурните проекти кои таа ги најавуваше пред да седне во градоначалничката фотелја.