Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја назначи Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар, официјално објави НАТО на својот сајт.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“, соопшти Руте.
Со назначувањето, Радмила Шекеринска станува највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската унија.
Во објавата се потсетува дека Шекеринска претходно беше вицепремиер за европски интеграции и министер за одбрана на Македонија, вклучително и пред влезот на земјата во НАТО Алијансата во 2020 година. Таа ќе ја преземе својата функција кон крајот на годината.
Радмила Шекеринска во моментов ја врши функцијата потпретседател на Партијата на европските социјалисти на Европа.
Весникот “Политико“ пред изборот цитираше висок дипломат на НАТО од Западна Европа, кој изјавил дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на Руте. Разговорот во седиштето на НАТО се фокусира на двајца поранешни функционери од Македонија и Бугарија – Радмила Шекеринска и поранешната вицепремиерка и еврокомесар на Бугарија, Марија Габриел.