Норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик денеска ќе се појави на суд за да побара предвремено ослободување откако помина повеќе од 13 години во затвор.
Антимуслиманскиот неонацист уби 77 луѓе во јули 2011 година. Осуммина уби со активирање на автомобил-бомба во Осло, а потоа уште 69, главно тинејџери, во младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоја.
Ова ќе биде втор обид за условно ослободување на Брејвик, кој отслужува максимална казна од 21 година, која може да биде продолжена се додека се смета за закана за општеството.
Брејвик доби право да бара условно ослободување по отслужувањето на првите десет години од затворската казна.
Неговиот прв обид за ослободување, во 2022 година, беше неуспешен. На тоа рочиште, Брејвик тврдеше дека го оставил насилството зад себе, но не се откажа од своите неонацистички симпатии, велејќи само дека ќе ја продолжи својата борба за превласт на белата боја преку мирни средства.
Последното барање за условно ослободување ќе биде сослушано во строго обезбедуваниот затвор каде што тој се наоѓа, лоциран на брегот на езерото Тирифјорден. Судот ќе биде сместен во спортската сала на затворот. Брејвик ќе сведочи од 13 часот по локално време.
Покрај тоа, Брејвик се обиде да ја тужи норвешката држава, тврдејќи дека држењето во изолација ги крши неговите човекови права.
Неговиот последен обид за промена на условите на притвор беше одбиен во јануари минатата година. Жалбата на Брејвик ќе биде разгледана во декември. МИА