Најголемиот дел од македонските научни работници сами си ги финансираат своите истражувања. Тоа е еден од најголемите демотивирачки факти за младите да се занимаваат со наука, сметаат научните работници.Според тоа, парите, а потоа и недостатокот на млади кадри се најголеми проблеми за науката и научната продуктивност во Македонија. Државата од својот Буџет одвојува само 0,3 отсто, иако потребите се далеку поголеми. На денешното одбележување на 10 ноември, Меѓунардониот ден на науката, научните работници од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип исткнаа и други проблеми покрај финансиските.
„Главниот проблем за науката лежи во ресурсите, меѓутоа тука не се работи само за финансиските ресурси, туку се работи и за ресурсите во поглед на кадарот. Се’ уште имаме ограничувања за примања на нови вработувања на младиот кадар, кој впрочем ја гради таа продуктивност. Најпродуктивни се младите кадри во перидот од нивните реизбори во категорија на редовен професор. Имаме некои факултети каде што воопшто немаме асистенти. Постари професори заминуваат во пензија, на нивно место не се вработува млад кадар. Остануваат испразнети места, коишто навистина се неопходни и за изведување настава, а пред сè и за наука. Државата пред сè треба да ни дозволи нови вработувања, примања на млади кадри. Тоа е првиот и основен чекор кој што треба да биде преземен, изјави проф. д-р. Зденка Стојановска, проректор за наука на штипскиот унивезритет.
Но, и не само тоа. Со државни пари лани биле купени два акцелератори. Но, тие денеска не функионираат. Инвестирањето во опрема и технологии, без паралелно вложување во кадри се смета за стратешка грешка. Професорката Стојановска вели дека покрај тоа што недостасуваат средства, туку во не така далечното минато се правени потези, кои значат вложувања, а брзо потоа биле повекувани.
„Пред три години кажавме, направете центри за извонредност, во кои што од сите универзитети и факултети, лесно можат да се издвојат кои се, поддржете само стипеднирање и вработување на млади научници што ќе работат во тие центри, за сè друго ние ќе се грижиме. Направивме целосна стратегија јас, академик Мирчески, академик Љупчо Коцарев. Таа стратегија за две недели некој им кажал фрлете ја во кропа за отпадоци и терајте си натаму. Тоа е суровата вистина. Ако немаме луѓе, бадијала ни е целата опрема. Минатата година беа промовирани два акцелератори. Не функционираат. Зошто? Затоа што нема физичари. Значи прво треба да инвестираш во луѓе, во кадар, па во опрема. Направивме некои стратешки грешки, вели професорката Стојановска.
Пред младите истражувачи има повеќе европски програми. Професорот Ванчо Аџиски од Факултет за природни и технички науки упати порака до младите истражувачи активно да се вклучат во овие програми.
„Пред сè овде ќе ја потенцирам КОС програмата, бидејќи тоа претставува единствен и проверен начин за ефикасно вмрежување со истражувачи, кои се со слични полиња на истражување, бидејќи тоа претставува еден од ефикасните наичини за посериозни истражувања, кажа професорот Аџиски.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави зголемување на средстата за наука за следните четири години. Јаневска, рече дека очекува буџетот за наука во следните четири години да изнесува најмалку 1 отсто од бруто домашниот производ, наместо сегашните 0,3 отсто.
„Ќе поддржиме научно – истражувачки проекти од јавен интерес и поголема активност на лабораториите во рамки на јавните научни и високообразовни установи. Ќе обезбедиме нови извори на научна литература. Финансирање на објавени научни трудови. Организирање домашни научни конференции и учество на меѓународни манифестации. Продолжува доделувањето стипендии за студии од втор и трет циклус во државата, но и во странство на најдобрите 100 светски универзитети за да привлечеме повеќе млади со потенцијал за истражувања и иновации, истакнува Јаневска.
Дека проблемите и предизвиците во македонската наука се системски, а не во немањето потенцијал, говори и фактот дека само во последниот месец тројца Македонци се истакнаа во науката во светот – Светлана Мојсов, на која и беа признати авторските права за Дизајнот на Оземпик, Теа Пафков, која е една од соработничките на овогодинешниот нобеловец за хемија, Дејвид Бекер, како и најмладиот научник на Стенфорд листата, Кимет Јусуфи, кој е рангиран во првите 10 илјади научници во светот.
(М.К.)