Депонијата во Буково е децениски проблем со кој околните шест села, како и градот Охрид се соочуваат.
Најголемо незадоволство со години изразуваат од иницијативата „Збогум Буково“ која е граѓанска иницијатива со мисија конечно решавање на проблемот со депониите Буково и Мауцкер.
Тие бараат итно да започне спроведување на регионалниот план за управување со отпад, да се следат сите потребни процеси и изградбата на регионалната депонија во Новаци, санирање на Буково и Мауцкер со сите неопходни работи кои ќе ги изврши докажан оператор.
Во петокот беше одржана и прес конференција од оваа иницијатива во пресрет на средбата со граѓаните на градскиот плоштад денес .
Драгана Карашова, една од членовите на граѓанската инцијатива изјави дека станува збор за едукативен настан.
„Приутните имаат можност да поразговараат со стручни лица кои што се членови и дел од иницијативата, да постават прашања во однос на… ние ги нарекуваме депонии, но тие се диви депонии, дури и тоа е титула да се стави, не е заслужена. Тоа се ѓубришта, Буково и Мауцкер. Да се разговара за тоа што значи да постои стандардна депонија, како онаа што е планирана, регионалната депонија во Новаци. И секако, да видиме и да поразговараме што значи да се соединиме како заедница, како општество, во решавање на еден ваков горлив проблем кој што е децениски и секако на настанот, граѓаните, нашите драги сограѓани кои што немале можност досега да изразат поддршка, како индивидуалци, имаа можност да ја дадат таа поддршка со потпис на петиција“, додаде Карашова.
Според активистот Александар Булески, клучна е свеста на оние кои живеат во тој крај.
„Преку запознавање на луѓето што се случува таму, мислам дека би презеле мерки и би почувствувале одговорност, клучна е свеста на нас самите што живееме овде. Не само во однос на селекција со отпадот, не мислам дека скоро ќе имаме фабрики за тоа, но воопшто, како го продуцираме отпадот и начинот на кој што менаџираме со тоа, сметам дека на тоа треба да се стави најголем акцент. A Буково конкретно, тоа е едно диво ѓубриште кое што е тука од 1973-та година чинам, веќе 50 години таму и еве ние како еден туристички центар во Охрид сеуште и денеска се мачиме со оваа горлива тема. Наша најголема надеж и клучот во сево ова ни е младината и самата свест. Додека ние се освестиме што се случува таму, што правиме со ѓубрето и како треба да менаџираме, мислам дека тогаш веќе ке имаме правец и за некое кратко време би се решило тоа, посочи“, изјави Булески.
Ѓорѓи Љатко кој е пак поддржувач на оваа иницијатива додаде дека овој проблем се влече со години.
„Така и решението за овој проблем нема да биде лесно, сите сме свесни дека и за тоа ќе треба време, ќе треба напор, ќе треба сите да се вложиме за да се реши тој проблем за охриѓани. Оваа наша иницијатива не е насочена кон некого, не е против некој. Се што сакаме да постигнеме е сакаме сите да ги прибереме кон нас, да ни се приклучат, да не поддржат, затоа што се работи за здравјето на сите нас, за здравјето на нашите блиски, на нашите идни поколенија и тука не знам кој не би се сложил тоа да го поддржи.
На моменти сакам и луѓево малку да размислат, да помислат зошто ние сме ваква држава каква што сме сега, зошто не гледаме некои држави како што е Словенија, Љубљана, која е најчист град во светот, зошто не сме ние такви. Дали се тие поумни, дали нешто ни фали нас, ни недостасува. Има некој проблем и мораме да се свестиме и да размислиме зошто е тоа така“, кажа Љатко.
Според официјалниот став на оваа граѓанска инцијатива, постојат повеќе бенефиции од затворањето на Буково и Мауцкер. Како прво создавање на работни места: Нови иницијативи ќе бараат работна сила за операциите во центарот, што може да создаде стотици нови работни места за локалното население, а како второ поддршка на мали и средни претпријатија: Развој на локални компании што се занимаваат со рециклирање, компостирање и повторна употреба на материјали. Ова ќе создаде синергија помеѓу локалните економски актери.
Вклучување на образованието и технолошките факултети
Освен тоа и партнерства со технолошките факултети: Технолошките факултети можат да развијат програми за обука и истражување во областа на управување со отпад. Студентите можат да работат на проекти поврзани со иновации во рециклирањето и управувањето со отпадот. Пракса за студенти: Студентите можат да имаат можности за пракса во центарот, што ќе им овозможи да стекнат практично искуство и знаења.
Иновативни решенија и проекти
Развој на иновации: Студентите и професорите можат да работат на развој на нови технологии за селекција, рециклирање и обработка на отпад. Ова може да вклучува автоматизирани системи за сортирање или нови методи за обработка на органски отпад. Образовни програми за јавноста: Центарот може да организира работилници и програми за едукација на населението за важноста на рециклирањето и одржливи практики.
Социјални и еколошки придобивки пак, се: Подобрување на животната средина: Намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на животот, што ќе привлече нови жители и инвестиции во регионот. Зголемување на свеста: Образовните програми и иницијативи ќе го зголемат знаењето и свеста за важноста на одржливото управување со отпадот.
Ако депонијата се затвори и се отвори современ центар за селекција и обработка на отпад, тоа ќе создаде значителни економски, образовни и еколошки придобивки. Вклучувањето на технолошките факултети и јавните претпријатија може да доведе до иновации и нови можности за младите, поттикнувајќи ја економската и социјалната динамика во регионот. Ова не само што ќе ја зајакне локалната економија, туку и ќе создаде одржливи практики за иднината.