Јас немам што да ви кажам посебно затоа што сѐ кажав што сакам да кажам. Моите социјални мрежи ги користам исклучиво за општествена одговорност и за влијание и во овој месец на рак на дојка јас не можев повеќе да одговарам на прашања освен да ви ја покажам фотографијата којашто може да ги замени сите ваши шминки, филтри и храни коишто ги гледаме по социјалните мрежи. Ова вчеравечер го порача актерката Весна Петрушевска – Бејби која доби награда за Жена борец 2024.
Наградата ѝ ја врачи тимот на естрадниот магазин Бекстејџ кој одбележа 17 години постоење. Во својот краток, но емотивен говор, актерката истакна дека е многу важно сите да ја зголемат општествената одговорност, односно одговорноста кон себеси и кон сите работи кои ни се случуваат.
Наградата која ѝ ја врачи тимот на магазинот кој веќе е на една година до полнолетство, доаѓа во месецот во кој на глобално ниво се актуелизира борбата против ракот на дојка – болест со која беше дијагностицирана и Весна Бејби.
Таа неодамна објави и фотографија од лузната алудирајќи дека животот е еден.
Одбележувањето на роденденот се совпадна со датумот кога згасна животот на музичката ѕвезда, Тоше Проески, па Весна не пропушти дел од говорот да му посвети и нему.
„Седумнаесет години врви како го немаме него. 16-ти е кога го изгубивме него. И некако морам да ви кажам дека само кога ги губиме луѓето, тогаш се освестуваме кого сме имале во нашите редови. Да престанеме тоа да го правиме и да ги вреднуваме работите онакви какви што се, додека сме живи и здрави. Тоше беше еден и единствен. Тоше беше нашиот вкус на успешен живот, нашето дете, најголемата ѕвезда која некогаш ќе се роди во 100 години особено кај нас во овој наш, мал, убав народ. Тоше беше наш и Тоше е сѐ“, истакна актерката која ги замоли присутните за огромен аплауз за да може, како што рече, Тоше тоа да го слушне од некаде.
А освен Весна, награди добија и други истакнати личности за нивните своевидни остварувања. Наградата за најдобар поткаст ја доби Стефан Лазаров, кој рече дека токму таа е спомен за успехот кој заедно го постигнаа досега со новинарот Зоран Василевски – Фаци.
Како што веќе е познато, тој исто така води борба со тешката болест и вчера не присуствуваше на настанот, но Стефан наградата му ја посвети нему и изрази надеж дека следната година ќе дојдат да ја подигнат заедно.
Меѓу наградените беше и Марко Слаткаристика, кој ја доби наградата за Најдобра турнеја, а Андреј и Панчо од ДНК заедно со Наум Петрески ја добија наградата за Хит на годината за нивната соработка „Животе брате“.
-Успех во оваа земја е барем главата да ти е над вода, да не се удавиш, рече Слаткар
Бекстејџ вчера успеа на едно место да ја собере целата естрада, музичките ѕвезди и од народната, но и од поп сцената. Дел од нив настапија на сцената, а Кристина Димитри се појави во улога на водителка.
Роденденската забава се одржа под слоганот „17 години циркуз на естрада“, па во таков дух беше и целата атмосфера. Вистинска атракција на настанот беа кловновите, пантомимичарите, танчерите додека гостите пристигнуваа по црвен килим на „Мостот на цивилизациите“ во центарот на Скопје.
(В. Ми)
Фото: Вангел Тануровски