„Кога започна војната, во 2022 година, се најдовме во неверување, тоа беше ужасна работа и не знаевме што да правиме. И тоа беа необични услови за нас… И веќе не е ниту чудо да слушаме постојани напади, бомби или ракетни испукувања“.
„Всушност, тоа е најневеројатното нешто што веќе сме навикнати да го живееме во вакви услови, иако тоа не треба да биде нормално. Така, понекогаш е навистина ужасно, понекогаш не ни разбираме дека нешто ужасно се случило во Украина“.
Ова го вели Ина Јешченко, новинарка од Украина, во интервју за Канал 77, но и сопруга која 18 месеци чека добри вести од сопругот, кој иако исто така е новинар, отишол на фронтот. Еднаш бил и ранет, па по заздравувањето, пак се вратил да се бори.
Ина Јешченко открива за динамиката и природата на воените дејствија, колку се моќни, предизвиците на медиумските работници среде воената агресија со Русија, но и како граѓаните живеат во овие речиси три години.
Најлошото во овој период, сведочи Инаа, е тоа што сè повеќе граѓаните се прилагодуваат на воениот конфликт, но и дека од ден во ден се уште посилни и поистрајни да живеат со секојдневните истрели, бомбардирања, но и со постојаната миризба на барут.
Ина се осврна и кон својот приватен живот, истакнувајќи дека нејзината најголема љубов, сопругот, од некогашен новинарски колега по професија, одлучил да ја облече воената униформа и да се најде во првите борбени редови на фронтот.
Имајќи ја превид моменталната ситуација, како успевате да ја извршувате новинарската работа во услови на постојани воени напади?
- Ви благодарам многу, пред се’, за интересот за нашата ситуација и за тоа како работат новинарите во Украина. Всушност, многу размислував за ова прашање, бидејќи сега најлошо е тоа што ненормалното ни стана вообичаено и нормално, да работиме за време на војна. И веќе не е ниту чудо да слушаме постојани напади, бомби или ракетни испукувања. Всушност, тоа е најневеројатното нешто што веќе сме навикнати да го живееме во вакви услови, иако тоа не треба да биде нормално. Така, понекогаш е навистина ужасно, понекогаш не ни разбираме дека нешто ужасно се случило во Украина. Затоа што, на пример, пред неколку денови во нашиот град имаше ракетен напад од неколку „Искандери“ и калибри, а веќе следното утро само се разбудивме и отидовме да ги реализираме активностите што ги правивме секој ден.
Кога започна војната, во 2022 година, се најдовме во неверување, тоа беше ужасна работа и не знаевме што да правиме. И тоа беа необични услови за нас. Но, сега веќе имаме создадено имунитет за ова. Сепак, знаете, човек е суштество кое може да работи, да се прилагоди и да живее во различни услови, а понекогаш условите не се идеални. Значи, се трудиме само да живееме и се трудиме да издржиме во услови какви што реално ги имаме во овој момент. Моето секојдневие не се разликува е доста диманично. Бидејќи сум новинар, имам преголеми работни активности низ градовите во Украина, има многу работи за кои зборуваме и во јавноста ги пренесуваме, а кои за жал, не се радосни за украинската нација.
Има ли промени во вашата работа од почетокот на војната?
- Всушност, за мене има различни периоди од почетокот на војната. Кога започна војната во мојот личен живот, имаше навистина огромни промени, бидејќи мојот сопруг, исто така е новинар. Со него постојано работевме заедно, но кога почна војната, тој замина на фронтот и стана војник. Така, сè ми се смени околу година и пол. Тој 18 месеци беше во првата линија и потоа беше повреден, а јас не работев. Бев постојано со него, бидејќи имаше многу сериозни повреди и тоа беше многу стресен период од нашиот живот. Сепак, по некое време одново се вративме на работа. Во текот на војната, поминав периоди кога воопшто не работев, но и периоди кога работев уште повеќе отколку пред војната.
Како работат украинските медиуми во воени услови?
- Па, можам само да ја опишам ситуацијата во нашиот медиум, бидејќи не ја знам ситуацијата на сите медиуми во Украина. Што се однесува до нас, станува збор за регионален медиум во Доњецк и Луганската област. По почетокот на војната во 2022 година, уште повеќе луѓе од нашиот тим почнаа да работат онлајн, бидејќи некои од нив мораа да го напуштат Доњецк и Луганската област поради окупација, па нашиот тим почна да работи речиси целосно „онлајн“.
Значи, тоа е една од големите промени и предизвици за нас. И покрај тоа, имаме навистина лоша ситуација со тимот, бидејќи некои момци кои работеа со нас мораа да одат на линијата на фронтот, во армијата и да ја бранат татковината. И тоа е навистина голем предизвик за нас понекогаш, бидејќи немаме доволно луѓе во нашиот тим. Сметам дека ова се двата најголеми предизвици што ги имаме. Сепак, ваквата ситуација овозможи да се развиваме уште побрзо, можеби затоа што има многу предизвици околу нас и мораме многу брзо да реагираме на нив.
Колку војната го уназади развојот на медиумскиот сектор?
- Напротив, не мислам дека војната го уназади развојот на медиумскиот сектор во Украина. Не го забележувам тоа. Мислам дека војната дури нè направи посилни, пофлексибилни. Војната не натера да реагираме многу брзо за различни предизвици, па затоа и медиумскиот сектор е уште посилен во Украина. Можеби грешам, но ова е мое мислење.
А сега кажете ми, како живее обичниот граѓанин во Украина? Дали има недостаток на храна или други потреби?
- Постојат различни услови во различни региони на Украина. Ако ја земеме цела Украина, ќе видите дека на истокот и на југот на Украина има војна или има многу региони кои се во близина на линијата на фронтот. Така, кога ќе го поставиме истото прашање на луѓето во близина на таа зона, тие ќе кажат дека имаат недостаток на храна или други потреби. Но, тука е и другиот дел од Украина, на пример, регионот каде што живеам, тоа е регионот на запад од Украина. Претпоставувам дека обичниот граѓанин овде ќе каже дека се е во ред и дека немаат недостиг на храна или нешто друго. Постои голема разлика, на истокот и на југот на Украина, има тотално различни услови отколку во останатите делови на Украина.
Како функционираат училиштата и болниците?
- Што се однесува до училиштата, јас немам деца, но повеќето од моите пријатели имаат. Како што велат, најголемиот проблем за училиштата е што децата не се безбедни и често се принудени да го прекинуваат образовниот процес кога има црвен аларм, знаете, кога постои опасност од ракетен напад или нешто друго. Дечињата постојано го запираат образовниот процес и одат во прибежиште, да се скријат во засолниште и да чекаат таму се до следниот безбедносен миг. Да, има училишта кои продолжуваат да учат во прибежиштето, па за момент децата имаат можност да продолжат да учат, но тоа не се идеални услови, бидејќи тешко може да запомните нешто кога цело време има ракетни напади или кога знаете дека сте под постојана закана од некоја опасност по вашиот живот.
Ваквата ситуација навистина не е погодна за образовниот процес. Што се однесува до болниците, постојано се полнат со тешко повредени војници, па речиси и да нема слободни кревети. Лекарите во болниците имаат огромен предизвик, постојано да бидат на терен, да лекуваат ранети војници и побрзо да ги рехабилитираат за да можат одново да се вратат на фронтот.
Какви се реакциите на граѓаните откако воената акција не престанува?
- Различни луѓе реагираат различно на воената акција, сепак ќе кажам дека повеќето луѓе се навистина уморни поради војната, се разбира, затоа што секојдневниот стрес е неверојатно голем и континуиран. Некои луѓе едноставно стануваат премногу агресивни на ваквата политика и сакаат војната да престане. Други пак, едноставно стануваат посилни и се обидуваат да и помогнат на армијата. Има и такви луѓе кои постојано волонтираат, а други само се обидуваат да работат се повеќе и повеќе за да заборават дека кај нас има војна. Можеби овие реакции се навистина природни, војната во Украина трае повеќе од две години, или ако се навратиме уште повеќе во минатото, тензиите на конфликтот започнаа во 2014 година, што значи овие маки и овој терор траат повеќе од 10 години.
Виктор Вукановски
Powered by TechSoup Network’s Digital Activism Program