Знакот „Продавам за кровот да не протекува“ поставен покрај неколку кофи, беше дел од уметничката инсталација изминатите денови во Скопје, со која студентите иронично се навратија на условите во кои живеат и студираат.
Ако се прашаат надлежните, покривите што протекуваат ќе бидат минато, но најверојатно за две години. Толку отприлика ќе трае реновирањето на најголемиот студентски дом – „Стив Наумов“ во Автокоманда, кој и без најавеното реновирање од 2020 година не работи со цел капацитет, откако две од трите згради беа затворени. Во „Стив“ работите беа најавени за јули, а најверојатно ќе почнат деновиве.
Во Студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, градежните работи се почнати во мај и се очекува капациетете на овој дом да бидат порано ставени на располагање. Но, ако се повикаме на фактите, новата студиска година во Скопје започнува со 2300 студентски легала помалку и од студиската 2019/2020 година, кога послкеден пат работеа сите домови во полн капацитет со 5.815 места. Оваа студиска година, во Скопје има само 2583 места по домовите. Јагма по студентско легло во Скоппје. Затоа не случајно падна сајтот на Министерството за образвоание уште пред објавата на резултатите со конкурсот за прием.
Македонски пародокс или сепак не: Лоши услови по домовите, а се најбарани
Одвај тројка дале студентите во анкетата за студентскиот стандард. Студенските домови имаат уште полоша оценка. За лошите услови во студентските домови сведочи и последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој забележува дека мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од страна на надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување на одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана, како и реализирање на проектите за реконструкција и проширување на капацитетите на државните студентски домови.
Уште еден ревизорски факт – сумата што ја добиваат домовите од државата не е променета од 2008 година и изнесува 6.820 денари месечно по студент за 10 месеци во годината. Во таа цена, МОН плаќа половина, додека другата половина ја плаќаат студентите.
Студентскиот стандард во последните години служел единствено како „пара за поткусурување“ на сите други сектори во општеството или реформи во образованието. Ова е ставот на претседателот на Младинскиот образовен форум (МОФ), Ристо Савески, кој условите во најмала рака за него се недостоинствените.
- Буџетот наменет за студентски стандард постојано се намалува. Во периодот на енергетската криза, студентските домови беа први на удар со рестрикции за користење на грејни тела и неработењето на лифтовите. Студентските домови пак, се запуштени, а условите за живот мизерни. Дополнително, студентите се изложени на се’ поголеми трошоци поврзани со нивното студирање, а не добиваат никаков развој на програмите, поголем квалитет или дигитализација за возврат. Но, не можеме да гледаме само негативно. Сепак, има подвизи кои се преземаат за да се амортизира целата состојба. Тука е мерката студентски оброк, која им помага на голем број студенти да го пребродат секојдневниот пораст на цените на производите. Исто така, напорите на МОН за реконструкција на студентските домови и подобрување на условите. Генерално, ситуацијата е на незавидно ниво, но постои волја и напор да се придвижат кон подобро, вели Савевски.
Како што кажа претседателот на МОФ, реконструкцијата на студентските домови беше најавувана уште од претходното раководство на Министерството за образование и наука, но таа е започната дури во летниот период оваа година.
- На терен може да се види дека во моментов еден од државните студентски домови во Скопје е во фаза на реконструкција, што значи е целосно затворен за вселување и студентските легла се пренасочени во некои од ученичките домови. Според нашите сознанија веќе години наназад студентите покажуваат најголем интерес за престој во државниот студентски дом „Гоце Делчев“ кој патем беше реновиран пред неколку години. Студентите кои изминатите години беа сместени во бараките и третата зграда на „Стив Наумов“ кој во моментов исто така се реновира, постојано се жалеа на мизерните услови во кои престојуваат: слабо парно во зима, несредени тоалети во незавидна хигиенска состојба. За овој студентски дом, МОН кон крајот на август најави дека реконструкцијата ќе започне за десетина дена. Од друга страна студентскиот „Кузман Јосифовски – Питу“ беше затворен изминатите две академски години, а така останува и годинава поради како што споменавме е започнатата реконструкција. За студентскиот дом „Пелагонија“ кон крајот на 2022 година имаше информации дека шестмина студенти се затруле, што по проверка од Државниот санитарен и здравствен инспекторат беше утврдено дека хигиената во кујната не била на соодветното ниво, алармира Савевски.
Тој потенцира дека покрај животот во условите што ги нудат студентските домови, студентите со соочуваат со пречки уште при вселувањето.
- Пред неколку дена кога започна вселувањето на студентите од втора и другите години сведочевме огромни редици пред „Гоце Делчев“. Студенти со часови на дожд чекаа легло во зградата во која избрале да бидат сместени бидејќи треба физички да ги однесат документите за да го добијат клучот од собата. Надлежните од Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД Скопје) пред повеќе од две години најавија дека процесот на вселување ќе се дигитализира со цел да се намалат гужвите, но тоа до денес не се случи, вели Ристо Савевски.
Со мали промени до поголема надеж за подобар студентски стандард
Дека студентскиот стандард во земјава е процес за којшто мора макотрпно да се работи и да се вложува, се согласува и претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски.
Во изјава за ММС, Николовски потврди дека студентите секојдневно се соочуваат со бројни пречки, за кои мора да се изнајдат итни решенија.
„Состојбите во студентските домови бараат решение во најскоро време, бидејќи се дом на огромен број студенти кои потекнуваат од други градови, а условите за живот се лоши. Фактичка состојба е дека условите во домовите не се на задоволително ниво, имајќи предвид дека домовите не располагаат со средства за да обезбедат доволен и пристоен студентски живот и стандард. Најмногу негодувања има во однос на количината на храната, условите во тоалетите, собите и генералната хигиена“, истакна студентскиот претседател на УКИМ.
Според Николовски, дел од најавените реконструкции на студентските домови се почнати, па сега студентите имаат поголема надеж за нивна целосна реализација.
- Реновирање на студентските домови е веќе започнато согласно договорот во декември 2023-та кој беше потпишан. Реновирањето на студентскиот дом „Кузман“ започна оваа пролет, додека во студентскиот дом „Стив“ се започнати припремите за почеток на реновирањето. Проблемите ги има, но дел од нив се решаваат етапно. Во дел на позитивните промени е субвенционираниот студентски оброк, како и субвенциите за превоз, кои во изминатата година ги добиваа студентите кои студираат во други градови. Исто така, како една од најклучните позитивни мерки е воведувањето на универзитетските и факултетските собранија преку кои ние, како студенти, имаме можност директно да учествуваме во процесот на издигнување на студентскиот стандард, истакна Николовски.
Етапна реконструкција на девет државни студентски домови
Под ново раководство, Министерството за образование и наука најави дека започнува системски да ги решава предизвиците на студентите во земјава.
Во изјава за ММС, оттаму истакнуваат дека се запознаени со ситуацијата во која се наоѓаат студентските домови, условите и животот на младите, па од јавноста побараа трпение со најава на финансиска поддршка од државата за нови реформи со цел подобар студентски стандард.
- Студентите имаат бројни права и можности како поддршка при студирањето, како на пример субвенционираниот студентски оброк, стипендии во различни категории, од кои некои изнесуваат и 18000 денари месечно за 9 месеци во годината. Во текот на мандатот на новата Влада предвидена е реконструкција на 9 државни студентски домови: „Стив Наумов“-Скопје, „Кузман Јосифовски Питу“-Скопје, „Пелагонија“-Скопје, „Томе Стефановски-Сениќ“-Скопје, „Никола Карев“-Охрид, „Кочо Рацин“-Битола, „Браќа Миладиновци„-Штип, „Народен херој Орде Чопела“-Прилеп, како и реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“-Скопје, велат од МОН.
Од Министерството за образование и наука истакнаа дека новото раководство наследило буџет кој бил во дефицит за 5 милијарди денари, но и дека се соочиле со недостиг на средства за исплата на плати, за исплата на стипендии, финансиска поддршка, награди и други права на учениците и студентите.
Сепак, од МОН посочија дека со ребалансот се обезбедени средства за исполнување на обврските кои ги има институцијата кон граѓаните, а дадоа и ветување дека за следната година се прават проекции за нови реформи кои ќе донесат значително подобар стандард на младите.
Виктор Вукановски
Со овој текст, ММС се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.