Денес и утре Штип ќе биде домаќин на третиот Фестивал за млади пијанисти „Golden Piano Talents“, уникатен и значаен музички настан кој за кратко време привлече огромен интерес во светската пијанистичка фела, вели Марија Максимова, претседателка на „Интернационалното Здружение за Културен Развој и Едукација-Арт Фест“.
Максимова истакна дека на фестивалот ќе настапат млади пијанисти – победници на многу интернационални пијанистички натпревари, а воедно и прворангирани во различни дисциплини на „Golden Piano Talents“ – натпревар на кој зедоа учество пијанисти од околу 50 држави. Пијанистите кои ќе настапат се избрани од стручно жири составено од меѓународно докажани пијанисти и педагози по пијано. Во рамки на фестивалот ќе се одржи и концерт на наградените пијанисти од нашата држава. Вкупно, на сцената во уметничката галерија „Безистен „ќе настапат 45 пијанисти и публиката ќе може да ужива во нивните беспрекорни интерпретации.
- Штип ќе биде светски центар на пијанизмот овој викенд и ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на исто место. Фестивалот ќе биде големо освежување во музичката уметност не само во нашата земја, туку и пошироко. Веќе има најавено гости од 15 држави, нагласи Максимова.
Акцентот на фестивалот е ставен на Големиот свечен концерт на победниците на 14 септември (сабота) во 20 часот на кој ќе настапат пијанисти од 12 земји, а тогаш ќе се врачат медалите, плакетите, дипломите и паричните награди на младите пијанисти и нивните ментори.
- Освен пијанистите кои ќе одржат соло рецитали претходно, тука ќе настапат и Лео Кудре-Моро – Швајцарија, Габриел Кордина – Малта, Ина Даи – Германија, Луцја Дабковска – Полска, Ема Кејт Мифсуд – Малта, Стефан Ончев – Северна Македонија, Едвин Недељко – Хрватска, Виктор Василев – Бугарија, Лејла Сијариќ – Германија и Триото „Мистико“ од Словенија, составено од Маја Менарт, Тинкара Тушар и Каролина Гантар, потенцираше Максимова.
Влезот во уметничката галерија „Безистен“ во Штип е бесплатен.