Владата подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат. Кошничката со околу 100 прехранбени производи треба да биде изготвена до петок. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, граѓаните може да очекуваат и пролетна кошничка.
Според Министерството за економија, Работната група во која има членови од министерствата за економија, земјоделство и финансии, ќе направи симулација за ограничување на цените или на маржите.
Министерот за економија Бесар Дурмиши за новинската агенција МИА вели дека ќе се направат пресметки со намалување на маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или замрзнување на цените на одредено ниво. Симулацијата треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка.
Предлогот и симулацијата на есенската потрошувачка кошничка ќе биде доставена до Владата на следната седница и ќе се донесе одлука за намалување на цените на овие основни прехранбени производи.