Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во присуство на заменик амбасадорката на САД Никол Варнс, денеска и официјално е пуштена во употреба лабораторија за дигитална форензика.
Со поддршка на Амбасадата на САД се набавени неопходните хардверски и софтверски компоненти за хардверско и софтверско опремување во областа на дигиталната форензика во вредност од околу 500.000 американски долари.
Во лабораторијата за дигитална форензика во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК ќе можат непречено да се отвораат и декодираат одземените електронски уреди со цел да се пронајдат електронски докази што ќе бидат корисни за понатамошниот тек на постапките и кои како валидни, законски прибавени докази ќе се користат во постапка и пред судот – информират од Републичкото јавно обвинителство.
Опремата вклучува најсовремени форензички станици за работа во лабораториски услови, лап топ компјутери, ултраблок китови со врајт блокери за различни видови носачи на електронски податоци што ќе бидат предмет на анализа, како и форензички софтвери што се користат за исчитување и анализа на одземена или запленета електронска опрема.
Воедно, за потребите на аналитичкиот центар во Обвинителството, Амбасадата на САД донираше софтверска алатка Analyst’s Notebook 10 со помош на која се овозможува големи количини на податоци да се претворат во визуелни дијаграми, како мрежи на односи, временски линии и шеми на настани и на тој начин полесно да се откријат скриени врски и модели.
„Со помош на оваа алатка на обвинителите и истражителите ќе им се овозможи визуелизација на прибраните податоци во форма на визуелни прикази – чартери, мапи или дијаграми, кои брзо го покажуваат начинот на кој се поврзани, што е од голема полза за идентификување на криминални организации и групи, следење на осомничени или разбирање на сложени ситуации. На тој начин преку побрзо и поефикасно анализирање на комплексни податоци обвинителите ќе можат да носат информирани одлуки“, истакна основниот јавен обвинител Ислам Абази.
За начинот на постапување на истражителите кои работат во лабораторија за дигитална форензика во Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, основниот обвинител донесе Одлука со која се уредени чекорите во постапувањето со одземените телефонски уреди и компјутерска опрема. Постапките ќе се спроведуваат согласно Законот за кривична постапка и позитивна пракса што се применува во лабораториите за дигитална форензика во светот.