Ставот на Коалицијата „Вреди“ за интерпелацијата поднесена против претседателот на Собранието, Африм Гаши, е дека станува збор за предизвикување на политички земјотрес и ставање на тест на владиното мнозинство.
Според нив, интерпелацијата за претседателот на Собранието е анти-НАТО експеримент.
– Како и во секој политички експеримент, така и во интерпелацијата за Претседателот на Собранието, Африм Гаши, има неопходни елементи. Потребен е мотив како аеродромскиот инцидент. Потоа, координирано се креира хистерија во јавноста. На фанфари се бара политичка одговорност. Се прави конструкција со обезбедувањето на Претседателот на Собранието. Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е подржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор, стои во соопштението од „Вреди“.
Оттаму дополнуваат дека целта, како што велат, сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово, ниту Охридскиот Рамковен договор.
– Што е целта? Сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово, ниту Охридскиот Рамковен договор, туку целта е да се предизвика политички земјотрес. Зошто? За да се стави на тест владиното мнозинство и да некој да провери дали опозицијата може да најде заеднички интерес да делува здружено, велат од „Вреди“.
Наведуваат дека пратениците на „Вреди“ се подготвени да ја бранат честа на албанскиот народ, стратешкото партнерство со САД и ЕУ вредностите.
– Kлучната дилема е дали ДУИ до толку е исплашен од тоа што следи што е подготвен да се координира и со Левица само да не се зборува за криминалот на нивните поранешни функционери? Доаѓа време за вистина, потенцираат од „Вреди“.
Пратеничката група на Левица во Парламентот поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“.
Интерпелацијата е заснована на седум точки, образложени на десет страници.