Кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, соопшти дека е „за жалење“ начинот на кој беше разрешен инцидентот на скопскиот аеродром на вчерашната прес-конференција на двајцата премиери, бидејќи, како што оценува „уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово“.
Она што се случи на аеродромот во Скопје, според кабинетот на Османи е „јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот“ и посочува дека очекува да биде известено за преземените мерки.
-Иако го цениме изразот на жалење од страна на премиерот на Северна Македонија, за жал, досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнале на прашањата покренати во протестната нота поврзани со кршењето на меѓународното обичајно право во однос на Република Косово, но напротив, отворено и без никакво двоумење прифатија такво прекршување. За ова не се потребни дополнителни извештаи и истраги за ниту една фактичка состојба, бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека ваквото правило е намерно наметнато, и покрај јасните барања на меѓународното право, се вели во соопштението од кабинетот на косовската претседателка.