Не сум изненадена, очекував уште пред две години кога се формираше друштвото дека таа идеја ќе се развива и ќе се чекаат поволни политички услови и да се финализира – е првата реакција на Академик Катица Ќулафкова на иницијативата поддржана од ВЛЕН да се формира паралелна Академија на науките и уметностите на Албанците во државата. Зборувајќи во емисијата „Стадион“ на Канал 77, Ќулафкова потсетува дека ова би било трета академија на Албанците на овој мал простор, покрај тие што постојат во Косово и Албанија, бидејќи сепак, се работи за иста култура и блиска култура и народ.
-Политички гледано, ќе се проба иницијативата да помине во законски рамки во Собранието. Мислам дека легитимно право на секој научник, вклучително и на оние кои се по етничко потекло – албанско и друго, да бараат да претендираат, да се зачленат во националната Академија, но за тоа треба да ги исполнат критериумите кои се предвидени и да се вклучат во постапката регуларно и предвидено со закон и со Статут на МАНУ.
Ваквите барања не ги сметам за обичен фолклор и не ги сметам за постизборна фолклористика кај нас на што сме навикнале. Ова е малку посериозен предлог во смисла политички, бидејќи се бара финализација на тој процес на паралелни институции – македонски и албански во држава од 2001 и дел од таа долгорочна стратегија, изјави Ќулафкова.
Ќулафкова вели дека оваа иницијатива треба да се земе сериозно за разгледување, а не така со потценување во смисла на тоа дека е постизборен фолк. Бидејќи, изборите се добиени, а сега може само Владата да се дестабилизира. Ова од аспект на тоа дека албанскиот коалиционер во Владата е цврсто решен, а нема да може да ја истера идејата до крај.
Што се однесува до аргументот на Изет Меџити од коалицијата ВЛЕН дека нема Албанци во МАНУ, дури и административци, не само научници, Академик Ќулафкова вели дека таа самата повеќе од 20 години е член на Академијата и сите кандидати сериозно биле разгледувани и сите кои поминале низ одделенија и биле примени.
-Пред три години кога се примаа нови кандидати, имаше добри кандидати, но имаше еден Албанец, но не го доби мнозинството. Друг кандидат не сме имале. Не доликува, несоодветно е за високо – научни или уметнички кадри да се жалат како обесправени, бидејќи во Македонија сите државни награди, сите државни позиции – универзитетски, раководни, во администрацијата… се отворени за Албанците и дури над она што го предвидува Охридскиот договор или што е вообичаено во нормална држава – не сметам дека ние сме баш нормална држава. Бидејќи во нормална држава не се разговара никогаш за етничко потекло, туку секогаш се разговара само за резултати и за афирмираност или интегрираност на дадено уметничко дело во наши кругови или во светот. Што дошло кај нас било примено, рече Ќулафкова.