Цела ноќ се гасне пожарите во Овчеполието, каде изгореа дваесетина куќи и километри со вегетација. Најтешко е во селата Немањици, Малино и Орел. Ерџеилја, каде огнот се закануваше да зафати делови, е надвор од опасност. На терен цела ноќ огнот го гаснеа пожарникари од целиот регион, а како што изјави градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, на помош дојдоа и екипи од други градови.
Утрово Стојанче Ангелов, директор на ЦУК рече:
-Фронтот на огнот е многу широк, но во овој момент населените места не се во опасност. На терен работат пожарникари, а во приправност има доволно припадници на Армијата кои се вклучуваат по барање на локалните командири. Од воздух ќе делува еден армиски хеликоптер Ми 17 и три ер трактори на ДЗС, изјави Ангелов.
Градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев за ММС рече дека пожарот не е под контрола.
-Далеку од тоа дека е пожарот под контрола, но со сите сили, човечки и со целата механизација ма располагање, засега е спречено ширење кон Штип. Очекуваме во 9 часот да стигнат и канадерите. На терен освен пожарникарите и доброволците се и војската и полицијата. Се’ уште е рано да кажеме како ќе се движи пожарот, изјави градоначалникот Владев.
Особено драматично беше синоќа и во текот на ноќта. Евакуирани беа жителите на Немањици, а огнот се гледаше од Штип, каде чадот целосно го покри градот. Овој дел на државата речиси еден месец се бори си шумските пожари, но вчерашниот се движи во населените места. Силниот ветер уште толку помогна во неговото проширување.