Подобро и подомаќинско планирање, нова надеж и проекти со додадена вредност на целата економија – ова според новата Влада, е исходот од ребалансот на Буџетот за 2024 кој таа веќе го усвои. Во морето препирања меѓу владеачката ВМРО-ДПМНЕ и социјалдемократите како опозиција, состојбата во буџетот стана едно од прашањата околу кои се „кршеа копјата“ во третата недела од преземањето на премиерската функција од страна на Христијан Мицкоски.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска на прес конференција рече дека во Буџетот затекнале лоша состојба која ги надминала нивните очекувања.
„Затекнавме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби, место креиран развој. Предимензионирани плаќања. Економија во клиничка смрт“, алармираше министерката.
А она што според неа се ставки со слаба реализација, за опозицијата се макотрпно градени економски политики.
Димитриеска Кочоска информираше дека вкупните расходи сега се планирани на ниво од 362,816 милијарди денари и бележат раст од 5,6% во однос на иницијалните проекции.
„Врз основа на вака проектираните приходи и расходи, буџетскиот дефицит е планиран на 44,7 милијарди денари, односно на 4,9% од БДП“, рече министерката.
Од опозицијата пак, со прогноза – новите буџетски политики ќе направат хаос и ќе создадат зависност од кредитирање.
Пратеничката од СДСМ и екс директорка на УЈП, Сања Лукаревска обвини дека власта за еден месец успеала да го сруши она што претходно макотрпно било градено во соработка со меѓународните финансиски институции.
„Во седум години владеење, од кои пет во ковид и економски кризи, СДСМ успеа да го намали буџетскиот дефицит на 3,6% и да го намали јавниот долг до 55%. Сега ВМРО-ДПМНЕ го покачува дефицитот за цели 36%, а јавниот долг на ризични 68%. Овој процент на јавен долг е спротивен на Мастришките декларации и сериозно ќе го наруши кредитниот и финансискиот рејтинг на земјата“, рече Лукаревска.
Реагираа и од Левица, од каде обвинија дека министерката за финансии веќе ја задолжила државата за нови 48 милиони евра преку државна обврзница издадена на 11 јули со рок на доспевање од 15 години.
-Ако се додаде најавеното задолжување на премиерот Мицкоски од 500 милиони евра со кредит од Република Унгарија, вкупниот јавен долг би бил на највисоко ниво од скоро 9 милијарди евра. Со ваква состојба Македонија ќе се соочи со проблеми при сервисирање на долгот – само до 2028 година ние граѓаните ќе треба да вратиме 1.8 милјарди евра по основ на камати, посочуваат од партијата во писменото соопштение.
-Во однос на ребалансот на буџетот, продолжува праксата на кратење на капиталните инвестиции секоја година. 325 милиони евра средства наменети за капитални инвестиции се прераспределни кон други намени, со продолжува непродуктивното трошење народни пари од страна на Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ, во стилот на нивните предходници – обвинија од Левица.
Паралелно со презентирањето на Предлог-ребалансот за Буџетот за годинава, истиот ден Владата ги соопшти и предлозите за заменици министри со што практично се случува ротација на дел од малите коалиционери. Меѓу имињата кои се предложени во вториот владин ешалон не сите имаат соодветно образование за ресорите во кои ќе треба да кројат политики.
Па така, економистот Елфет Исмаили ќе биде заменик министер во Министерството за одбрана, а докторот на науки по кинезиологија, Астрит Исеини е предложен за заменик министер во МВР.
Професорот по политички науки, Флакрон Беџети се предлага за заменик на министерот во ресорот Земјоделство, шумарство и водостопанство, додека Сафије Садики Шаини, инженер по информатика, е предложена за заменичка во Министерството за спорт.
Вака предложените кадри, според опозицијата, се класичен дебакл и ќе значат само партизација на државата.
„Последен пример е предлогот за заменик министер во Министерството за внатрешни работи, Мицкоски го предлага Астрит Исеини, кој дипломирал на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор по Кинезиологија, како вонреден професор. Каква врска има физичкото образование, Кинезиологијата со полицијата и внатрешните работи“, прашуваат од СДСМ на чија адреса како позиција исто така неретко пристигнуваа обвинувања за партизација и непотизам од актуелната владеачка партија.
Собраниската седница за усвојување на предлозите за заменици министри е закажана за 23 јули, со што веќе и ќе се комплетира владиниот тим.
Седницата во вторник е со почеток во 11 час, а освен оваа точка, на дневен ред е и Предлог законот за изменување на Законот за здравствената заштита – прво читање, со кои се укинуваат економските директори во јавните здравствени установи и болници и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието.
(В. Ми)