Одморот на југот од Албанија годинава е поскап од кога било. Валона, Саранда и нивните околни области се соочуваат со значително зголемување и на сместувачките капацитети, како и на баровите и рестораните. Според набљудувањето на списанието „Монитор“ , цените во објектите за сместување како што се куќите за дневно изнајмување и хотелите се зголемени за 25-30%.
Ваквото поскапување го потврдија и агенциите, кои информираат дека сите цени, како за сместување, така и за храна и бар-ресторани, се за најмалку 20% поскапи од пред една година.
Туроператорите објаснуваат дека на почетокот на сезоната големата побарувачка доведе до поскапување, тренд кој се сметаше за нормален се додека беше поттикнат од големиот проток на туристи. Но, подоцна со наближувањето на летото се забележува уште едно поскапување во очекување на голем број туристи, што всушност и не се случува. Странски туристи има повеќе од пред една година, но сепак не толку колку што се очекуваше, според трендот на почетокот на годината. Ова второ поскапување од страна на туристичките оператори се смета за малку шпекулативно, поттикнато од жедта за брз профит, што пак ги избрка туристите, особено локалните. Укинувањето на визите предизвика поимотните граѓани на Косово, кои претходно летуваа на југ од Албанија, да побегнат во Грција.
Валона: Нема ништо поевтино од 55-60 евра по ноќевање
Ако лани можевте да најдете стан во центарот на Валона за 40 евра од ноќ, оваа година тоа е невозможно. Со едноставно пребарување на популарните платформи како Booking или Airbnb за едно ноќевање во јули 2024 година во центарот на Валона, цената на најевтиното и најсоодветното сместување е околу 60 евра за ноќ. Исто така, доколку сакате да престојувате во други области на Валона како што се Радиме или Орикум, познати по семејните плажи и по поприфатливи цени, стан за изнајмување може да чини околу 60 евра од ноќ.
Цените во хотелите од различни категории во областа Валона започнуваат од 90 евра за ноќевање за поевтини опции, достигнувајќи и до 200 евра од ноќ за полуксузните хотели. Поради големиот број на хотели и апартмани во центарот на Валона, понудата е висока и има многу можности да се оддалечите од брегот за 55 евра во хотел и до 250 евра за добар хотел покрај море. Ова покажува дека Валона останува омилена дестинација за одмор во Албанија, иако со повисоки трошоци во споредба со претходните години.
Од Дерми до Ќепаро нема поекономични сместувања, чинат и до 600 евра
Најскапите сместувања се наоѓаат во Дерми, Јал, Химаре, Борш и Ќепаро. Во овие области, речиси е невозможно да се најде економично сместување, како што е изнајмување апартмани и хотели од ден. Поради својата природна убавина и прекрасните плажи, овие предели се омилени дестинации за туристите во текот на туристичката сезона. Сепак, наоѓањето сместувачки капацитети со разумни цени станува предизвик за многу посетители. За време на шпицот на туристичката сезона, стан за изнајмување на овие простори започнува од минимум 60 евра од ноќевање доколку се наоѓа далеку од крајбрежјето. Цените за становите во близина на брегот можат да одат и до 80 – 100 евра по ноќ, за најлуксузните опции можат да достигнат и до 250 евра од ноќ. Суштински детал што треба да се забележи е дека, иако сместувањето може да се најде по овие цени, тие често се многу малку на број. Ова секако има врска со типологијата која има специфични сместувања, каде некои се вили и не се обезбедени со соби. За локалното население, хотелите во овие области се недостапни поради високите трошоци за сместување. Цените за едно ноќевање започнуваат од 250 евра и можат да достигнат до 600 евра за најлуксузните опции. Меѓутоа, за оваа категорија на сместување, бројот на сместувачки структури е ограничен.
Скапо, но продадено
Во резервациите, за 9-10 август, најскапите објекти најавуваат дека имаат само една слободна соба. Сепак, туристичките оператори велат дека ова може да биде тактика да се покаже дека има голем проток на барања. Во меѓувреме, има и многу скапи објекти со 250-300 евра од ноќ, кои велат дека се целосно резервирани за овој датум. Најскапата цена на југот е за вилите кои достигнуваат и над илјада евра за ноќевање, но кои имаат поголем сместувачки капацитет во однос на хотелските соби.
Дури и Саранда поскапува, но има алтернативи.
Во градовите како Саранда, трендот на зголемување на цените за сместување и понатаму е видлив, но со поблага стапка во споредба со Валона. Апартманите лоцирани во центарот на градот можат да чинат од 40 евра до 280 евра за ноќ, додека оние во близина на брегот можат да чинат и до 320 евра за ноќевање. Во Саранда, опциите за сместување во градските хотели може да варираат по цена во зависност од близината до брегот.
Ова покажува дека порастот на цените не е изолирана појава, туку општ тренд што го зафаќа целото крајбрежно подрачје на Јужна Албанија.
Туристичките оператори велат дека на југот има тенденција за брз профит, што влијае на поскапувањето. Но, од друга страна, типологијата на туристите е сменета и тие се’ помалку трошат, бидејќи многу млади доаѓаат.
Побарувачката на камповите исто така во пораст
Покрај хотелите и апартманите, и другите опции за сместување, како што се камповите, исто така доживеаја постојан пораст на цените. Минатата година, шатор за кампување можеше да се најде за 10 евра дневно, што го прави разумна опција за тие со помал буџет. Но, годинава оваа цена е зголемена на 30 евра за ноќевање. Ова покажува дека и најевтините опции за сместување се соочуваат со значително зголемување на трошоците, што може да влијае на изборот на дестинација за одмор.
Како се споредува Југот со Грција?
Во споредба со другите туристички земји во регионот, како што е Грција, каде што може да се најдат многу станови за дневно изнајмување по поповолни цени, Албанија се соочува со големи предизвици за одржување на конкуренцијата на туристичкиот пазар. Во популарните грчки туристички дестинации како Атина, Миконос, Родос, Парга и Крит, цените за сместување се во различни размери, нудејќи широк спектар на опции за посетителите. Во Атина, на пример, цените на становите за дневна кирија се движат од 26 евра до 1.600 евра за ноќевање, додека за хотелите се движат од 45 евра до 2.000 евра, според пребарувањето на Booking. Миконос нуди дневни апартмани за изнајмување од 115 евра до 3350 евра за ноќ, додека хотелите можат да чинат од 150 евра до 3900 евра за ноќ.
Родос, дестинација позната по плажите и историското наследство, нуди апартмани за дневна изнајмување од 42 евра до 340 евра од ноќ, додека цените за хотелите се движат од 50 евра до 390 евра по ноќ. Парга нуди апартмани од 55 евра до 300 евра од ноќ и хотели од 90 евра до 400 евра од ноќевање. На Крит, петтиот по големина остров во Медитеранот, цените на дневните станови за изнајмување се движат од 40 евра до 225 евра за ноќ, додека хотелите можат да чинат од 60 евра до 700 евра за ноќ.
Овие цени покажуваат широк спектар на опции за посетителите, кои се движат од најевтините до најлуксузните опции, во зависност од нивните преференции и стандардот на потребните услуги. Албанија, за разлика од соседните земји, може да понуди евтини цени, но нема голем број од овие сместувања. Во Саранда, на пример, понудата на станови достапни по минимална цена од 35 евра за ноќевање е многу ограничена. Тие обично се далеку од брегот и често не ги нудат потребните услови за туристите, како што е недостатокот на кујна или имаат само една соба.