Докторот специјалист по спортска медицина, Бошко Илиев(59) од Кавадарци, по овие сахарски температури, по четврти пат го преплива езерото Гратче кај Кочани. Со ова, д-р Илиев им го честита на кочанчани, празникот на градот. На Илиев ова му е седми маратон годинава, а втор во Македонија. Со поддршка од СЗР „Кочански рибар“ Илиев пливаше грбно, краул и пеперутка, по сончево и исклучително топло време.
-Се чувствувам добро, иако наближувам до 60-тата година од животот. Пливам маратон по целиот Балкан, рече д-р Илиев.
Неговата патека денеска беше четири километри и пливаше покрај брегот на езерото, кое е со натпросечни температури на водата од над 24 степени.
Лекарот и продолжувач на традицијата на македонското маратонско пливање им порача на граѓаните да ги користат условите со кои располага Кочани и што повеќе да ги практикуваат и спортските и рекреативните пливачки активности.
Утре Илиев го очекува нов маратон, овој пат во Преспа.