Во Вишото јавно обвинителство во Заечар за утре е закажано сослушувањето на новите сведоци во истрагата за убиството на двегодишната Данка Илиќ од Бор. Работниците во Претпријатието „Водовод“ од Бор, Дејан Драгиевиќ и Срѓан Јанковиќ се осомничени за нејзиното убиство, а сослушувањето на еден од сведоците е од особено значење за истрагата.
Имено, родителите на девојчето, Ивана и Милош Илиќ со месеци веќе живеат во агонија без да знаат што точно се случило со нивното дете. Неодамнешната објава на таткото на социјалните мрежи предизвика лавина реакции кај јавноста.
„Твојот татко тебе ќе те најде, злато татино. Мој мал свету“, напиша Милош покрај фотографијата на Данка на местото каде што последен пат безгрижно си играла.
Инаку, по исказот на осомничениот Срѓан, таткото на Данка даде изјава за српска Република истакнувајќи дека некои работи во целата оваа приказна не му се поклопуваат.
„Да било така како што изјави тој, не би молчел два месеца. Сомнително е затоа што, зошто некој би молчел, а по толку време би негирал сѐ. Едниот го призна тоа што го направил, а другиот вели дека не ја видел Данка и тоа после два месеца. Мислам дека секој нормален човек би бил со недоверба кон таквиот исказ“, рече тогаш Милош.
По неговата изјава, се огласи и мајката на Данка, Ивана.
„Не знам што да кажам! Тогаш кој друг бил во возилото? Јас тогаш видов две лица во возилото. Ништо не ми е јасно…Ако не направил ништо како што вели, зошто молчел два месеца. Јас сум под силен стрес“, изјави Ивана.
За потсетување, осомничениот Дејан Драгиевиќ кој на сослушувањето го призна злосторството и детално го опиша, бараше од Обвинителството ново сослушување. Неговата адвокатка Вања Живковиќ изјави дека сѐ уште не добила одговор од Обвинителството во однос на тоа дали ќе го прифати неговото барање за повторно сослушување. Драгиевиќ наведе дека сака ново сослушување за да ги разјасни околностите и фактите кои се наведени во записникот од петти април.