Поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов, познат по своите антимакедонски ставови, изјави дека Скопје се однесува „дрско и арогантно“, а Софија треба да излезе со јасен и дефинитивен став. Каракачанов за новиот македонски премиер Христијан Мицкоски рече дека „не е особено интелигентен политичар“.
„Буквално при заклетвата на претседателката не го спомна уставното име, не кажа „Северна“, туку само Македонија која направи скандал со Грција. Без ништо да испровоцира Бугарија, почнаа да се расправаат и со Бугарија, велејќи дека нема да го почитуваат договорот со Бугарија, дека нема да го почитуваат договорот што го има Македонија со ЕУ, сакаат повторно преговарање. Но кон Грција се однесуваат многу благо“, изјави Каракачанов за БНТ.
Поранешниот министер рече дека на самиот Мицкоски не му се допаѓа Договорот од Преспа, но тој е должен да ги почитува договорите. Реторички, пак, праша зошто се однесува брутално и дрско кон Бугарија?
„Затоа што политичарите во Скопје одамна разбраа дека во последните три години со Бугарија владеат политичари кои немаат чувство за национална, бугарска припадност, политичари кои се подготвени да ги предадат бугарските интереси во македонското прашање. Политичарите кои се водат од странски центри, странски амбасади“, ја аргументираше својата теза Каракачанов.
Инаку денеска ви Брисел е бугарскиот премиер, Димитар Главчев кој најави дека Бугарија ќе инсистира Европскиот совет да ги потврди своите заклучоци за Македонија и да ја повика земјата да ги почитува преземените обврски за да продолжи на својот пат кон ЕУ, се вели во соопштението за печатот на Советот на министри.
Главчев ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Северна Македонија и Албанија од 18 јули 2022 година и да ја повика Македонија да ги преземе чекорите наведени таму за да постигне напредок на патот на европската интеграција.
Вчера новиот македонски премиер Христијан Мицкоски, рече дека Макдонија „нема да клекне пред Бугарија“.