Ако утре Министерството за финансии го одобри тендерот за блокираните работи на Клиничката болница во Штип, најмалку три месеци се потребни за административно тој да се заврши. Тоа подразбира распишување на тендер, да се избере изведувач и нова градежна оператива влезе во Клиничката болница и ја продолжи работата на објектот кој се гради од 2016 година. Ова се во две реченици заклучоците по изјавите на новиот премиер Христијан Мицкоски и ресорниот министер за здравство Арбен Таравари.
Повеќе од три години работите се во застој, откако настана судски спор меѓу Бетон – Штип и грчки Интракат, кој беше избран за изведувач на работите.
Недоградената Клиничка болница во Штип беше втората локација што новиот премиер Христијан Мицкоски ја посети веднаш по денешното преземање на премиерската функција. Мицкоски, сега во улога на премиер, најави, како што рече „фуриозно продолжување на градбата“ на болниците во Штип и Кичево.
-Од 2017 година до денес градбата на болницата буквално не не е мрдната, иако за две – три години требаше да се изгради. Тоа е заедничко ветување на нашата влада оваа болница покрај болницата во Кичево дека ќе имаат приоритет. И двете болници, фуриозно на самиот почеток ќе треба да отпочнат со градба. Од она што бев брифиран од страна на министерот (Арбен Таравари н.з.) дека тендерот е подготвен, се чека на мислење од Министерството за финансии, на пат кон Скопје ќе разговарам со новата министерка за финансии Димитриеска – Кочоска и овој процес да отпочне да го отвориме тендерот и во наредните три месеци да заврши и таму наесен да отпочнеме со градежни активности на самата болница, изјави Мицкоски.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека од 2017 година, кога бил министер до сега ништо не се променило со штипската болница. Пред да дојде во Штип бил информиран дека распишувањето на тендерот чека одобрување од Министерството за финансии.
-Има иницијатива да се објави повторно тендерот и да сеп обара нов изведувач. Тендерот е поминат на Влада, Министерството за финансии треба да го одобри. Доколку добиеме дозвола, се надевам дека многу брзо може да го распишеме, рече Таравари.
На прашањето дали болницата може да се заврши за три години, тој не можеше да каже, бидејќи не знае до каде е стигнато со работите на болницата од претходните изведувачи на работите.
Инаку, во јануари годинава, при посетата на тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити, исто така беше најавено брзо распишување на тендер, како што рече веќе во февруари. Меѓутоа, и шест месеци подоцна, тендерот се’ уште е во фаза на одобрување.
Претходно, во неформалниот разговор, премиерот Мицкоски од страна на штипските доктори, беше запознаат со плановите за реорганизација на болницата. Се планира отворање на Ургентен центар, при што службата на Итната помош од центарот на Штип, од Здравствениот дом би се преселила во болницата, Се планира едукација, но и вработување на среден медицински персонал и нови доктори. Особено недостасуваат медицински сестри и техничари и покрај тоа што има невработени од овој профил, што сега се принудени да работат по конфекциите, рекоа докторите.
В.К.