По речиси тримесечно чекање општинските власти да преземат акција против депонијата која не престанува да чади и загадува, граѓаните на Кочани синоќа излегоа на протест со барање за нејзина дислокација. Депонијата кај Бели не е само закана за селото и околните места тука за целата Кочанска котлина, а чадот доаѓа речиси до Штип, реагираа граѓаните, кои изнесоа податок дека расте бројот на заболени од карцином, а број на болни со респираторни болести се искачил на 19.000. Најтешко им е на жителите на Бели, кои секој ден живеат со чадот од депонијата.
-Не се дише. Штом се зачади, затвораме прозорци, врати, спуштаме ролетни, така што нема живот. Крајно време е да се реши проблемот. Сме согласни со тоа нема решение, нека побара од Владата. Не е само Бели загрозено, туку и секаде каде дува ветерот и го носи чадот и смрдеата. Ние сме први на удар, кога ќе дојде накај нас, тоа е страшна главоболка се осеќа, реагираше Диме Цебов, претседател на МЗ Бели.
Чадот е секојдневие на цела Кочанска котлина, поради што, на синоќешниот протест, граѓаните најавија дека од денеска почнуваат со акција за собирање на потписи за дислокација на депонијата.
Иницијаторот на протестот, Марио Паунов пред насобраните граѓани реагираше дека и по три месеци никој од општинските власти не реагира на загадувањето и континуираното чадење од депонијата.
-Ги повикуваме сите граѓани да дадат поддршка во собирањето потписи, а посебно ги покануваме туристичките работници кои имаат објекти на Пониква, активно да се вклучат во овој процес. Потребни ни се 10 отсто потписи од граѓаните кои имаат право на глас. Порачуваме дека нема да се откажеме и ќе продолжиме со битката за чиста околина и здрав живот за нашите деца, бидејќи за животот се работи, рече Марио Паунов.
Во обраќањето на протестот, Паунов побара и да се отстранат граѓаните кои како што кажа „живеат на депонијата и прават штета“. До ЈКП „Водовод“ упати прашање зошто три години е ја третираат депонијата со алги, кои се покажаа ефикасни во гаснењето, туку веќе три години проблемот со решаваат со песок. Потсети и на ветувањето од изборната програма на градоначалникот Љупчо Папазов, дека депонијата ќе биде дислоцирана и на нејзино место ќе биде поставен еко парк.
Ден пред протестот, ЈКП „Водовод“ со соопштение најави дека Градската депонија ќе биде отворена секој ден од 07 до 16 часот. После 16 часот депонијата ќе биде затворена и ќе биде забранет влез за сите неовластени лица.
-При извршената контрола денеска во 18 часот, пред влезот на Градската депонија повторно се забележани лица кои неовластено престојуваат на овој простор заедно со своите малолетни деца. Освен ова се забележани и поголем број на возила кои се користат за транспорт на отпадни суровини кои се изнесуваат од Градската депонија иако истата е затворена, соопшти „Водовод“.
Проблемот со Градската депонија дополнително се комплицира откако три околни општини ги затворија депониите и почнаа да го одлагаат отпадот на кочанската депонија.
Градоначалникот Папазов на последната седница на Советот на Општината Кочани, најави дека од општинскиот Буџет ќе бидат пренаменети 1 милион денари за третман со алги. Јавното претпријатие е презадолжено, поради што општината ќе интервенира. Граѓаните, сепак , низ протестот искажаа револт за неделувањето од надлежните и зошто по речиси три месеци откако почна да чади депонијата, се излегува со некакво решение.
В.К.