Идниот мандатар мора најпрво да разговора со нас, за државата е најдобро во новата влада да има и претставник на Албанците, а ќе направиме се да се убедиме заедно со идниот партнер да влеземе во процес на уставни измени, вели во интервју за МИА Африм Гаши, претседател на политичката партија Алтернатива и носител на кандидатската листа на коалицијата „Вреди“ во Втората изборна единица за претстојните парламентарни избори.
Во коментар на резултатите од првиот изборен круг од претседателските избори според кои нивниот кандидат Арбен Таравари освои 83.393 или 9,20 отсто, а во Гостивар 75 гласови повеќе од Бујар Османи од Европскиот фронт на владејачката ДУИ, кој, пак, освои 121.088 гласови или 13,37 отсто, вели дека Албанците долго време немаат култура за поголемо излегување на претседателски избори.
Гаши објаснува дека има голема разлика во културата за гласање на претседателски, локални и на парламентарни избори, а како пример го наведува случајот со различниот број на гласови што ги доби Имер Селмани во 2009 година како претседателски кандидат и како лидер на партија на тогашните двојни претседателски и локални избори.
И тој ја демантира информацијата за средба на Таравари со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Таквата објава излегла, како што вели, затоа што максимата на Ахмети била раздели и владеј, но и за да создаде недоверба меѓу коалициските партнери.
-Нашата доверба помеѓу сите коалициски партнери е многу голема, господинот Таравари немаше никаква средба ниту со него, ниту со некој друг од ДУИ, немаше никаква понуда, така што тоа е тотално лажно. Навистина е срамно како еден многу сериозен медиум од Албанија и една таква политичка партија која сака да го добие уште еднаш гласот на Албанците на таков начин манипулира со граѓаните. Тотална лага е тоа што беше изнесено во јавноста, посочува Гаши, во врска со објавата на албанската „Топ Ченел“, во која беше наведено дека вечерта на 24 април Таравари тајно се сретнал и добил понуда од Ахмети.
Според него, главните столбови од изборната програма на „Вреди“ се базираат на најголемите потреби на граѓаните. За првиот приоритет – европската интеграција подвлекува дека ќе направат се „да се убедиме заедно со идниот партнер да влеземе во процес на уставни измени“.
-Нашиот прв приоритет секако ќе биде европската интеграција, ќе направиме се да се убедиме заедно со идниот наш партнер да влеземе во процес на уставни измени. Ќе разговараме со меѓународниот фактор, ќе направиме се да влеземе во процес во кој ќе ги отпочнеме и практично поглавјата за да ги затвориме што побргу и Македонија да стане член на ЕУ. Тоа е наш прв приоритет, посочува Гаши.
Како што појаснува, станува збор за многу сложен процес, во кој се согласува да се настапи заедно за одбраната на јазичниот и културниот идентитет на Македонците и за притисок врз Бугарија.