Од 20-ти до 27 април ќе се одржи петтото издание на „Крај Вардарот Џез 2024“, кој годинава се реализира во чест на Мирко Попов, кој беше иницијатор, куратор и организатор на фестивалот.
Тој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Попов и Владан Дробицки за интегрирање автори и изведувачи од македонската музичка сцена во сферата на џез, светска и современа музика.
Годинашното фестивалско издание, како што велат организаторите, нуди исклучителна програма на македонска авторска музика селектирана од Попов и Дробицки, која излегува од границите на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика.
– Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинашниот фестивал, чија реализација не успеа да ја дочека. Во негова чест, тимот на „Крај Вардарот Џез Фестивал“, со истиот ентузијазам и посветеност го реализира ова фестивалско издание. Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје „Големата камена глава“ и соколот кој ги чувал луѓето во градот се додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје. Како и во песната „Море сокол пие, Вода на Вардаро… !” која беше инспирација за името на фестивалот- велат организаторите.
Програмата се состои од три вечери, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.