Економијата треба да биде на пиедесталот во програмите на секоја политичката партија во земјава, неопходен е реален и искрен пристап во реализација на проектите, бидејќи со досегашната неуспешна стратегија, сè повеќе си заминуваат младите од Македонија, рече во денешното издание на емисијата “Стадион” на Канал 77, професор д-р Дарко Лазаров, вонреден професор и раководител на Катедрата за економија на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
- Во книгата „Нов договор за економски развој“ заедно со претседателот на Стопанскaта комора, Бранко Азески, повикуваме на постигнување широк општествен консензус на сите чинители во државата и внатрешно обединување околу врвните развојни приоритети на државата во наредните 10 години. Неопходно е да се зголеми производството, а со него и понудата. Ова значи дека треба да се пристапи кон обединување на нашите ресурси со нашите соседи во регионот. Можностите постојат, но постојат и предизвиците, но за силна конкурентност потребни се инвестиции во иновации и човечки капитал, како и развиена функционална инфраструктура, која вклучува воведување на законска одредба за минимален праг на учество на капиталните расходи во централниот буџет. Крајно време е да се пристапи кон нови промени и реформи, бидејќи фрустацијата не е случајна кај граѓаните, имајќи в предвид дека ниту една Влада досега не испорача економски прогрес за подобар животен стандард., нагласи Лазаров.
Според него, клучна е и борбата со сивата економија и со корупцијата на сите нивоа со цел фер конкуренција и еднакви можности за сите. Но, и професионализација на јавната администрација и дигитализација на јавниот сектор со цел обезбедување на побрзи и поквалитетни јавни услуги за бизнисот, поедноставување на институционалните процедури и намалување на административните бариери.
Целосниот разговор со професор д-р Дарко Лазаров следете го во најновото издание на “Стадион” на линкот подолу.