Штип на 21 и 22 март беше домаќин на конзорциумот на меѓународниот проект NEWAVES. Во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, се одржа вториот координативен состанок на кој учествуваа партнери и учесници од четири европски земји: Португалија, Северна Македонија, Словачка и Хрватска. Станува збор за проект претставен од Колаборативна алијанса за обновување на радио и зајакнување на медиумските вести од заедницата во територии со мала густина (NEWAVES – Колаборативна алијанса за обновување на радио и зајакнување на медиуми на вести од заедницата во територии со мала густина), кој се финансира преку програмата на Европската комисија за поддршка на културата и аудиовизуелниот сектор Креативна Европа (Програма Креативна Европа – CREA).
Во проектот учествуваат вкупно осум партнери – четири високообразовни институции и четири медиумски куќи, по еден од секоја земја. Носител на проектот е Instituto Politecnico da Guarda (Португалија), а партнери се: Radio Altitude Guarda Sociedade de Comunicação Lda. (Португалија), Трговско радиодифузно друштво Радио Канал 77 ДООЕЛ (Северна Македонија), Државен Универзитет „Гоце Делчев“ Штип (Северна Македонија), Универзитет „Александр Дубчек“ од Тренчин (Словачка), Радио – телевизија Словенска (Словачка), Академијата за уметности и култура во Осиек и како здружен партнер Хрватското радио – Радио Осиек.
Проектот NEWAVES официјално започна во јуни 2023 година и трае 24 месеци, односно до јуни 2025 година.
Дводневниот координативен состанок собра дваесетина учесници на проектот, кои на почетокот ги поздравија проф. д-р. Дејан Мираковски, ректор на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и проф. д-р. Олга Кошевалиска, декан на Правниот факултет на УГД Штип, како и професорот Жорж Мануел Браз Гонкалвес во име на носителот на проектот, Instituto Politecnico da Guarda (Португалија).
„Проектот NEWAVES е особено значаен поради неговиот колаборативен и интердисциплинарен пристап. Обединувајќи партнери од различни земји и сектори, проектот има за цел да промовира размена на знаења, најдобри практики и ресурси помеѓу истражувачите, медиумските експерти и локалните чинители“, истакна професорот Гонкалвес.
Во текот на два дена, учесниците ги сумираа активностите што беа реализирани во првите девет месеци од проектот NEWAVES и договорија детални чекори и идни активности во рамките на четирите т.н. работни пакети. Овие пакети вклучуваат активности за управување и координација, развој на дигитална радио платформа, програма за обука за медиумски работници од четири земји и план за дисеминација и комуникација на проектот.
Во рамките на конференцијата беа одржани две работилници, а една беше посветена на развојот на платформата која ќе биде главен производ на проектот. Станува збор за платформа која на локалните радио станици ќе им овозможи пристап до проверени и квалитетни медиумски содржини, а ќе имаат заеднички локални теми кои не се доволно покриени во националните медиуми.
На втората работилница, врз основа на претходните сознанија во извештајот за постигнување на индикаторите (Benchmark Report) и мислењата на експертите, беа дефинирани четири теми за е-учење, чиишто конкретни содржини треба да бидат дизајнирани до средината на септември 2024. Тоа се: 1) Дигитални вештини, 2 ) Етика и право, 3) Претприемништво и 4) Маркетинг и комуникација.
Во рамки на средбата, присутните го посетија и Радио Канал 77, кое е еден од медиумските партнери на проектот NEWAVES и се запознаа со работа на радиото. Тие го посетија и археолошкиот локалитет Баргала, кај Штип и просториите на Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Покрај планираните онлајн состаноци, во текот на проектот ќе се одржат уште два физички средби. Третиот координативен состанок е закажан за ноември 2024 година во словачкиот град Тренчин.