Научниците тврдат дека се сѐ поблиску до тоа да развијат тест на крвта кој би можел да идентификува милиони луѓе кои несвесно шират туберкулоза (ТБ) – објави новинската агенција DPA.
Истражувачите од Универзитетот во Саутемптон откриле група биолошки маркери кои се наоѓаат на високо ниво меѓу инфицираните пациенти.
Туберкулозата е најсмртоносната заразна болест на светот и од неа секоја година умираат над еден милион луѓе – покажуваат податоците на СЗО.
Студијата што ја спровеле експерти од Јужна Африка и од Пери, користела нова техника со која се идентификувани шест протеини кои се многу прецизни во откривањето на туберкулозата.
Водечкиот автор на студијата, д-р Хана Шиф која е експерт за респираторни болести при Универзитетот во Саутемптон вели дека тестот би можел да помогне во идентификацијата на три милиони случаи кои се пропуштени во текот на изминатите години, а кои во најголем дел се во земјите во развој.
„Туберкулозата останува глобална катастрофа бидејќи нашите напори да го контролираме нејзиното ширење се отежнати поради несоодветното тестирање кое е споро и зависи од специјализираната опрема“, истакнува експертката.
„Третина од луѓето кои ќе се заразат остануваат недијагностицирани и остануваат заразни. Во нашата студија комбинираме нова техника на мерење со длабока математичка анализа за да можеме да ги идентификуваме овие шест нови ТВ маркери. Ова би можеле да доведе до трансформативни алтернативи за дијагностицирање на болеста – едноставен тест кој открива протеини во крвотокот, а чии нивоа се разликуваат меѓу луѓето со туберкулоза, здравите луѓе и оние кои имаат други респираторни болести“, додаде Шиф.
Таа објасни дека туберкулозата се шири со вдишување на ситни капки од кашлањето или кивањето на заразените луѓе и иако главно ги погодува белите дробови, може да уништи кој било дел од телото.
Студијата пак, објавена во Journal of Clinical Investigation Insight вклучува испитување на протеините пронајдени во крвта на луѓе заразени со туберкулоза во Африка и Јужна Америка.
Научниците ги споредиле биомаркерите со оние кои се наоѓаат кај здравите луѓе и пациентите со инфекции на белите дробови, идентификувајќи 118 протеини кои значајно се разликувале меѓу двете групи.
Експертите потоа ги намалиле на шест протеини за кои истакнуваат дека може да се користат за разликување на заразни пациенти со ТБ од луѓе со добро здравје или со проблеми со белите дробови.
Д-р Дајана Гарај-Бакеро, исто така од Универзитетот во Саутемптон изјави дека резултатите овозможуваат насоки за развој на тест за туберкулоза кој би бил едноставен како и брзите антигени тестови за ковид-19 кои се користеа за време на пандемијата.
Извор: n1info.rs