Луѓето кои следат диети со периодично гладување во временска рамка, може да бидат повеќе склони кон смрт предизвикана од проблеми со срцето, според ново истражување објавено во „Њусвик“ (Newsweek).
Анализата опфати податоци од над 20.000 возрасни Американци. Кај лицата кои јаделе во рамки на одредени осум часа од денот, веројатноста да починат од кардиоваскуларни заболувања е 91 отсто поголема отколку кај оние кои следат вообичаен распоред на оброци. Ова се првични резултати од истражувањата од областа на епидемиологија, животен стил и кардиометаболизам на Aмериканското здружение за срцето (American Heart Association).
Ова откритие е неочекувано, бидејќи претходните испитувања наведуваат дека периодичното гладување го подобрува крвниот притисок, нивото на гликоза и холестеролот во крвта.
Постојат неколку начини на периодично гладување. Најчестиот сепак е „16/8“, којшто вклучува 16 часа нејадење на ден и дозволени осум часа за јадење. Доста популарна е и диетата „5:2“, што вклучува вообичаено јадење оброци пет дена во седмицата, а ограничен калориски внос до 500-600 калории во два непоследователни дена.
– Временското ограничување на дневните часови за јадење, на пр. осум часа на ден, во последно време е популарно, како начин на слабеење и подобрување на здравјето на срцето. Сепак, долгорочните здравствени последици од временски ограниченото јадење, вклучувајќи ја и опасноста од смрт од кардиоваскуларни заболувања или од која било причина – се непознати, вели авторот на научниот труд, Виктор Вензе-Жонг, професор по Епидемиологија и Биостатистика на Медицинскиот факултет при Шангајскиот Универзитет во Кина.
Наводите говорат дека кај луѓето со постоечки срцеви болести, јадењето меѓу осум и 10 часа на ден значи 66 насто повисока можност од смрт од срцеви заболувања или мозочен удар.
Истражувачите исто така откриле дека кај луѓето со срцеви заболувања или рак има поголем ризик од смрт и дека кај заболените со рак кои јаделе вон рамката од 16 часа на ден имало помала смртност.
– Исклучително е важно пациентите – особено оние со постоечки срцеви заболувања или рак, да бидат свесни за врската меѓу осумчасовната рамка и зголемената опасност од смрт поради срцева болест. Резултатите од истражувањата поттикнуваат повнимателен, персонализиран пристап кон препораките за исхрана, осигурувајќи дека тие се прилагодени на здравствениот статус на поединецот и по најновите научни докази. Иако испитувањата откриваат врска меѓу осумчасовната рамка за јадење и смртта од кардиоваскуларни болести, тоа не значи дека временски ограничената исхрана мора да предизвика смрт покрај срцевото заболување, додаде Жонг.
Двејн Мелор, нутриционист и предавач на Медицинскиот факултет „Астон“ во Бирмингем, Велика Британија, кој не бил вклучен во истражувањата, вели дека иако бил користен модел за проценка на опасноста, во овој научен труд не се знае – колку е вклучената исхрана здрава, т.е. што луѓето јаделе. Бидејќи таквите податоци се ограничени, не е јасно ни дали пушењето, физичката активност и алкохолот се земени предвид како фактори.
И според други стручњаци, сѐ ова значи дека треба да има дополнителни научни испитувања, за истражувањето да биде целосно.