Фотографии кои ги овековечуваат убавините на врвовите и планините во Македонија, а кои се направени од објективот на фотоапаратот на Бобан Китановски ќе бидат претставени во рамките на изложбата која ќе се одржи в четврток во Скопје.
Имено, изложбата на планинарот Китановски ќе биде отворена на 21-ви март во 20 часот во Галеријата – „Империјал – 2“ на Културно Информативниот Центар, а ќе биде поставена до 28-ми.
Настанот се организира во рамки на одбележувањето на осумгодишнината од одржувањето на планинарскиот предизвик „12 Врвови“.
На претстојната изложба, организаторите ќе го претстават и второто подобрено издание на книгата „Планински врвови во Македонија“ од Марио Шаревски. Станува збор за збирка на податоци за 61 планински врв искачени во првото петолетие на предизвикот со додаток за Првата – Западна Македонска Трансверзала и бројни мапи од планинарските патеки.
Изложбата ќе биде отворена со поздравен говор од Зоран Читкушев, претседател на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија – ФПСМ.