Со децении наназад, граѓанските организации ја детектираат корупцијата како еден од основните проблеми во државата, но како таква веќе ја позиционираат и меѓународните фактори. Ова во изјава за ММС, го наведува Снежана Камиловска Трпевска, програмска координаторка на активноста „Граѓаните против корупцијата“ при Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Токму оваа организација во текот на следните денови организира настани во повеќе градови, со кои ќе ја јакне свеста кај граѓаните за важноста на борбата против корупцијата.
-Не само ние, туку и сите заедно, значи целокупното граѓанство во државата треба заеднички да делуваме за борбата против корупцијата. Токму затоа, како што вели и самата програма која ја претставувам „Граѓаните против корупцијата“, фокусот го ставаме на тоа да го јакнеме пред сѐ знаењето на граѓаните за тоа што претставува корупцијата, кои се механизмите да се борат против неа, дополнително да ги јакнеме нивните капацитети за тоа како и каде можат да пријават корупција. Освен тоа, сакаме ги охрабриме дека тоа не е ништо страшно и да порачаме дека само обединето ќе можеме да делуваме во борбата против корупцијата – вели Камиловска Трпевска.
Таа додава дека токму во таа насока, се и следните активности што се планирани во рамките на програмата.
„Имено, од 23-ти овој месец почнуваме еден вид на кампања каде што ќе одиме низ неколку градови во државата. Ќе имаме за цел да ги поттикнеме граѓаните да се борат против корупцијата, да ги едуцираме за коруцпијата на централно, но пред сѐ на локално ниво за нивните конкретни општини и дополнително да ги мотивираме да се борат заеднички против корупцијата“, нагласува Камиловска Трпевска.
Таа потенцира дека со најавените активности, фокусот ќе биде граѓанинот, а не институциите бидејќи од нив треба да започне борбата против корупцијата.
„Започнуваме на 23-ти март со Штип, од 11 до 14 часот на плоштадот Слобода. Продолжуваме во Гостивар од 14 до 17 часот пред општинскиот парк и продолжуваме со Кичево на 29-ти март. Завршуваме со Крива Паланка на 30-ти март“, информира Камиловска Трпевска.