Преговарачката рамка за земјава за пристап кон Европската унија не ги содржи поглавјата 34 и 35 – потврдуваат од Секретаријатот за европски прашања.
Нашата, но и албанската преговарачка рамка, за разлика од онаа на Србија и Црна Гора не ги содржи овие поглавја бидејќи новата методологија за пристапни преговори ги покрива 33-те поглавја кои имаат позначително европско право, a сега се групирани во шест Кластери.
Токму последниот параграф од ревидираната методологија, за поглавјата 34 и 35 предвидува поинаков пристап, велат од Секретаријатот во писмен одговор до ММС по реакциите кај дел од јавноста за исклучувањето на поглавјата кои се однесуваат на „институционалните правила на ЕУ“ и на „други прашања“.
Поглавјата 34. Институции и 35. Други прашања се вон преговарачката рамка, за нив не се преговара и ќе бидат третирани пред потпишувањето на договорот за пристап во ЕУ. Оттука, велат од СЕП, нашата рамка е различна во однос на Србија и Црна Гора и објаснуваат дека во неа се додадени три области во Кластерот 1 односно – областа за економските критериуми; реформата на јавна администрација и функционални демократски институции.
Исклучувањето на овие две поглавија наиде на реакции, меѓу другото и поради тоа што во нив влегува и признавањето на македонскиот јазик.
Поглавјата 35 и 35 исклучени од преговарачката рамка, но ќе се третираат пред потпишување на Договорот за пристапување
Сепак, од СЕП појаснуваат дека тие ќе бидат третирани по завршувањето на преговорите, а пред потпишувањето на Договорот за пристапување.
Во таквиот преоден период всушност, на државата која пристапува ѝ се дава статус на активен набљудувач во Европскиот парламент и Совет, како и во комитетите на Комисијата.
Поглавјето 34 кое се однесува на институционалните правила на ЕУ, го опфаќа и дефинирањето на нашиот јазик во сите европски институции, но и признавање на јазикот како еден од официјалните јазици на Унијата, што треба да биде рефлектирано и во сите релевантни акти од нејзиното примарно и секундарно законодавство.
Со поглавјето 35 пак, се решаваат сите прашања кои не се опфатени со ниту едно друго поглавје претходно и со кои преговорите се затвораат во целост.
Квалитетот на изборите би можел да влијае на евроинтеграциите
ММС разговараше и со Малинка Ристевска Јорданова, експерт на полето на евроинтеграциите, која вели дека досега немало разговори во врска со исклучувањето на двете споменати поглавја од преговарачката рамка.
Нашата соговорничка не верува дека вистинските причини за тоа би се кажале јавно, но напоменува дека оние прашања кои се содржани во овие поглавја, секако мора да бидат дел од преговорите.
„Значи без разлика дали се сместени или не се сместени во кластери, тие прашања што се содржани во Поглавјето 34, а тоа е учеството и прилагодувањето на институциите на ЕУ за нови членови вклучувајќи го и прашањето на јазикот тука, секако мора да бидат дел од преговорите затоа што тоа е исто така дел и од Актот за пристапување. Покрај тоа, сигурно се работи за аки (задолжително право на ЕУ). Значи се работи за право и институции на Унијата. Зошто е одбегнато, дали затоа што сакале да ограничат број на кластери, дали затоа што сакале да ограничат можности за блокада бидејќи секој кластер и секое поглавје дава дополнителни можности за блокади, тоа не можеме да го знаеме“, вели Ристевска Јорданова.
Прашана што ќе значи изоставувањето на поглавјето 34 за признавањето на македонскиот јазик како јазик кој рамноправно би се употребувал во европските институции, таа смета дека формалната страна нема да има влијание.
„Регулативата со којашто се регулира примената на јазиците во ЕУ и досега при секое пристапување била дел од прифаќањето на аки. Дали ќе има последици не зависи толку од формалната страна и каде е тоа сместено во поглавје или кластери, колку што е од политичката волја“, појаснува Ристевска Јорданова и потсетува на фактот дека Бугарија и понатаму го оспорува нашиот јазик.
„Факт е дека Бугарија го оспорува македонскиот јазик и македонскиот идентитет во целина, затоа има документи кои не ги повлекла. Факт е дека има декларации на кои има референца и тоа по мое толкување е една резерва којашто ја става бугарската страна за да може понатаму секогаш во преговорите или кога тие ќе сметаат, да дадат некакви дополнителни барања“, додава Ристевска Јорданова.
Според неа, билатералните прашања ги засенуваат реформите од останатите полиња и ги ставаат во сенка прашањата од областа на здравството, социјалната политика и животната средина кои скоро и никогаш не се тема на дискусија кога се работи за нашиот евроинтеграциски процес.
„Дефинитивно билатералните прашања не само што ги ставаат во сенка овие реформи, туку и доминираат над процесот. Тие имаат многу негативно влијание врз целиот процес и тоа е демотивирачко. Тоа е нешто што ЕУ требаше да го согледа порано, но и првенствено беше одговорност на нашата Влада, која требаше да ги согледа последиците и да не прифати такви услови“, додава Ристевска Јорданова.
Во меѓувреме, иако ни претстојат двојни избори, таа вели дека нивното одржување не би имало влијание врз евроинтеграциите, но тие би можеле да бидат загрозени доколку изборниот процес помине со лош квалитет.
-Избори се избори, ги има во секоја држава. Годинава ги има и во ЕУ и во Америка и секаде. Начинот на кој се спроведуваат изборите, како се врши „примопредавањето“ на власта без разлика дали е континуитет или дисконтинуитет е дел од демократскиот процес и тука едноставно сите го земаат тоа како даден интерегнум . Не мора да биде интерегнум туку и континуитет во работење на институциите и едноставно на тоа се смета и продолжува натаму. Значи изборите сигурно не се тие кои ќе го запрат евроинтеграцискиот процес освен ако не се многу лоши. Оттука, може квалитетот на изборите да го загрози процесот на пристапување бидејќи тоа е основен демократски критериум, а самото одржување на изборите не – заклучува Ристевска Јорданова.
И додека процесот на пристапување е директно поврзан со низа реформи за подобрување на општествените текови, кога станува збор за Поглавјето 34 кое стана актуелно периодов, од СЕП велат дека не се потребни посебни реформи.
-Вообичаено ова поглавје до сега, бидејќи е едноставно за преговарање, се отворало и се затворало во еден-два дена. Некои посебни реформи за имплементација на ова поглавје не се потребни, освен внатрешни процедури за пополнување на бараните места со исполнување на соодветни критериуми, како и сериозна подготовка на доволен број квалитетни преведувачи за писмен и симултан превод кои ќе бидат ангажирани во институциите на ЕУ – објаснуваат од Секретаријатот за европски прашања.
Ова поглавје за нас е од особен интерес бидејќи се однесува на е признавањето на јазикот како еден од официјалните јазици на Европската унија и на соодветни измени во примарното (Договорите за основање на ЕУ) и секундарното законодавство на ЕУ (Регулативи, правилници за работа на институциите и сл.) – велат од СЕП и посочуваат што ваквото поглавје значи за земјите од регионот:
„Во случајот на Хрватска, Црна Гора и Србија,ова поглавје се однесува на деловите од европското законодавство кои ги дефинираат институциите на ЕУ, односно релевантните основачки договори и другото примарно и секундарно законодавство. Па така тогаш ќе се договара колку места и припаѓаат на новата членка во Европскиот Парламент, во работата на Европскиот совет и Советот на ЕУ, Комисијата, Судот за правда и Управниот суд, Европската централна банка, Судот на ревизори, понатаму сите комитети, комисии, агенции и сл. како и тоа колку членови може да имаат во Економскиот и социјален комитет, Комитетот на региони и Европската инвестициска банка.
Вања Мицевска