Откако го запозна целиот свет со својот „план“ за економската реформа на Аргентина, кој се врти околу намалувањето на државниот апарат, бирократијата и трошоците за јавниот сектор под минимумот, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј ја зголеми својата плата за 48 отсто.
Во текот на изминатиот викенд, опозициските лидери во Аргентина споделија детали за зголемувањето на платата на аргентинскиот претседател на социјалните мрежи, според Фајненшл Тајмс.
Имено, како што тврдат, во февруари во однос на јануари неговата плата скокнала од 4.700 американски долари за 48 отсто на нешто повеќе од 7.000 американски долари.
Како што веќе го прават популистите од неговиот ков, Милеј за време на првото следно телевизиско интервју брзо изјави дека зголемувањето на платата е „грешка што не требало да се случи“ и продолжи, во манир на Трамп, да се брани дека зголемувањето било потпишано пред 14 години од поранешните власти, поточно претседателката Кристина Фернандез Киршнер, додава CNBC.
Но, како што подоцна истакнаа опозициските лидери, на документот се наоѓа потписот на Милеј со кој се наредува зголемување на платите на претседателот и на другите позиции во државниот врв.
– Во време на криза, како што е сега во аргентинското општество, кое херојски се труди, политичарите мора да бидат од помош – рече Милеј на Х и додаде дека „политичката шега мора да заврши“.
Скандалот дојде во време кога неговите најавени реформи наидоа на првите пречки и во време кога инфлацијата скокна над 250 проценти.
(Телеграфски бизнис)