Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот ја претстави својата политичка визија за можен втор четиригодишен мандат, предлагајќи буџет од 7,3 трилиони долари за изборна година, со цел да ги убеди скептичните Американци дека може да ја води економијата подобро од Доналд Трамп.
Бајден сака да ги зголеми даноците на корпорациите и богатите за да го намали дефицитот и да финансира нови програми кои треба да им помогнат на лицата со ниски приходи да се справат со високите трошоци за домување и грижа за децата. Конгресот најверојатно нема да ги усвои предложените мерки.
Буџетот на Бајден за фискалната 2025 година, која започнува во октомври, вклучува зголемување на стапката на корпоративниот данок од 21 на 28 отсто, што би ги принудило оние со богатство од 100 милиони долари или повеќе да платат најмалку 25 отсто од својот приход и да му овозможи на Бајден да преговара за намалување на трошоците за лекови.
Во меѓувреме, владата ќе го врати даночниот кредит за деца за лицата со ниски и средни приходи, ќе финансира програми за згрижување деца, ќе насочи 258 милијарди долари за изградба на домови, ќе обезбеди 12 недели платено семејно отсуство за работниците и ќе потроши милијарди за спроведување на законот.
Претседавачот на Претставничкиот дом под контрола на републиканците, Мајк Џонсон, брзо го отфрли предлогот, велејќи дека тој одразува „ненаситен апетит за непромислено трошење“ и „непочитување на фискалната одговорност“.
Буџетот беше објавен неколку дена по обраќањето на Бајден за состојбата на нацијата во кое тој ја нападна политиката на Трамп, очекуваниот републикански противник на изборите во ноември.
Четириесет отсто од Американците сметаат дека Трамп подобро би управувал со економијата, во споредба со 31 отсто кои го избрале Бајден и 28 отсто кои или не знаеле или одбиле да одговорат, покажа анкетата направена во јануари.