Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Поради верскиот празник Задушница, денеска ќе има посебен режим на сообраќај кон и од Градските гробишта „Бутел“, информираше Министерството за внатрешни работи.
Од 6.00 часот сообраќајот кон гробиштата „Бутел“ ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробишта „Бутел“.
За излез од гробишта, пак, возилата ќе се движат десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во околината на гробиштата Камник и Ѓорче Петров.
-СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници, се наведува во известувањето на МВР.