Физичко насилство помеѓу средношколци, мотивирано на етничка основа, е честа појава во автобусите од јавниот превоз, покажува анкетата „Сајбер булинг во средините училишта во Република Северна Македонија“ што ја изработи Институтот за човекови права (ИЧП).
Како што информираше Мартин Сопронов од ИЧП, на денешниот настан по повод презентација на резултатите од анкетата, децата побарале овој проблем да се адресира.
„По завршување на часовите, додека се возат во автобус, тука им се случува многу често да бидат вознемирувани, и психички и физички, со ладно оружје. Да им доаѓаат групи, да ги ставаат рацете на камерите во автобусот каде што се возат, еден ја држи камерата за да не се гледа што се случува и останатите деца после тоа напаѓаат еден, двајца, тројца. Ова физичко насилство се случува и помеѓу навивачките групи, односно членови на навивачки групи, кои што се средношколци. Тоа е нешто што треба да се адресира и децата побараа да се адресира“, рече Сопронов.
Дополни дека лица од Министерството за внатрешни работи, во цивилна облека ќе бидат присутни во автобусите 2, 22, 57, 47, 41 и 51, што се обраќаат на релација до Бутел, Радишани, Ченто, Ѓорче Петров, Влае и Драчево, каде што најчесто се случува физичко насилство помеѓу средношколци.
Анкетата која беше спроведена во рамки на проектот „Борба против сајбер булинг врз девојчиња”, Финансиски поддржана од Канадската амбасада во Белград, има за цел да ја прикаже состојбата со врсничкото насилство во училиштата, дали учениците се жртви на врсничко насилство и дали знаат да препознаат булинг во училиштата во онлајн просторот.
Била спроведена во 18 училишта од осумте плански региони низ државава со пополнување на прашалник од страна на 1.017 ученици од трета и четврта година. Одговорените прашалници и добиените одговори покажуваат дека учениците сакаат и чувствуваат потреба да разговараат на темата сајбер булинг.