Во земјава денеска се одбележуваат 152 години од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, повеќе делегации ќе положат цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Како што е најавено, цвеќе ќе положат претседателот на државата Стево Пендаровски и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Парламентот Горан Мисовски, а во чиј состав се и пратеничките Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска.
Цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев ќе положи и владина делегација предводена од првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска и заменик-министерот за транспорт Беким Реџепи.
Владина делегација составена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка ќе положат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.