Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца браќа за загрозување на сигурноста на градоначалникот на Арачиново.
– Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на службеното лице – градоначалник на општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело, соопшти денеска Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во седиштето на општина Арачиново, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот градоначалник.