„Со политиките на СДСМ и проевропските коалициски партии успеавме да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ после 17 години чекање. Членството во ЕУ значи економски просперитет, повеќе инвестиции и подобро платени работни места, повисоки плати и подобар животен стандард. Значи владеење на правото и далеку поефикасна борба со корупцијата, поефикасни државни институции,“ посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на отворањето на промотивната канцеларија на СДСМ за ИЕ 1 во Општина Центар.
Претседателот ја посочи важноста на достигнувањето на земјите – членки на ЕУ и другите земји од западниот свет, како клучно и во насока на задржувањето на младите луѓе дома, во Македонија.
„Економскиот раст и животниот стандард директно зависат од економската размена со ЕУ како наш најголем партнер, и од продолжувањето на преговорите за полноправно членство кои нѝ носат повеќе европски фондови,“ рече Ковачевски.
Тој посочи дека прекинот или застојот во преговорите значи и прекин и застој на економскиот раст и растот на платите, пензиите и животниот стандард.
„На овој народ не му треба тоа, нема нови години за губење. Не му треба нова изолација, ниту враќање назад. Имаме историска шанса да продолжиме по европскиот пат за полноправно членство во ЕУ до 2030 година! Ова ќе биде пресудна година за остварување на оваа државничка цел и јас ви ветувам дека ќе биде успешна година! Ќе биде година на европска Македонија! СДСМ ќе го има победничкиот кандидат за претседател,“ порача Ковачевски.
Претседателот на СДСМ изрази убедување дека на изборите на 8 ми мај, на слободни, фер и демократски избори ќе победи европскиот блок предводен од СДСМ. А на 9-ти мај, Денот на Европа, СДСМ ќе ја формира новата проевропска Влада којашто ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година.