Бадниковата поворка низ градовите со радост и песна го споменуваат и најавуваат Раѓањето Христово – Божик, таа ја содржи вистинската вредност за нашата православна религија, за разлика од паганските обичаи и „бабините деветини“, кои се практикуваа во изминатите 10 години, вели теологот Александар Ѓорѓиевски во емисијата Стадион на Канал 77.
- Одењето по врата, песните „Коледе леде“ и „Кој спие нека стане“ се пагански обичаи, овие стихови воопшто не го споменуваат името на Исус Христос, па затоа и особено ме радува што во последните години сè повеќе млади и нивните семејства се заинтересирани да земат учество во Бадниковите поворки. Децата како симбол на Ангелите, со своите чисти души и искрени насмевки го наговестуваат Христовото Раѓање со пеење на „Вечниот Бог”, вели Ѓорѓиевски.
Според него, бадниковите огнови треба да се слават со посна трпеза, со смирение и со споменување на Бог, досегашниот пристап за палење на оган не е дел од нашата религија. Светлината на оганот и скромната прослава треба да го слават името Божјо, а сè што е спротивно на ова е погрешно и блиску до „ѓаволот“, потенцираше теологот Александар Ѓорѓиевски.
Тој напомена и дека во православните храмови има сè повеќе верници, кои доваѓаат заради смирение, благослов и молитва.