Идеологијата постои насекаде, со неа си го објаснуваме секојдневниот живот, а принципите според кои се раководиме ни го определуваат во голем дел и моралниот компас
Пишува: Насе С. НАСЕВ
Денес се возев во „седмица“.
Секој има свои принципи. Јас, Вие, тој до Вас… па и тој до него. Принципите се правилата на поведение. „Другарот си има принципи“, тоа всушност би требало да значи дека човекот си има свои правила по кои се води. Епа, некои од нас споделуваат повеќе „општи“ правила.
На пример, чекам автобус бр. 7 за да одам да ја видам баба ми во Лисиче. Истото можат да го направат сите што ќе ја дочекаат „седмицата“ со мене, под услов да си купиле билет за јавен превоз, се разбира, не мора да имаат баба од Лисиче.
На автобуската станица може да има многу луѓе, но што ако до мене чека некоја баба, не мојата, која 50 години работела и си плаќала данок редовно? Дали и таа треба да го плати билетот? Или пак заслужила да се вози бесплатно?
Ако одговорот е потврден и ако се согласувате со сите горенаведени тврдења, тогаш Ви честитам – Вие ги делите истите принципи како и сите вистински социјалдемократи – слобода, еднаквост, солидарност. Ќе се обидам да објаснам.
Да почнеме со слободата. Според Монтескје, „Слободата е право да се прави сѐ што дозволуваат законите, а ако граѓанинот може да го прави тоа што законите го забрануваат, тој повеќе нема да поседува слобода, бидејќи сите негови сограѓани би го имале истото право“. Тоа значи дека ако има градски автобус, можеме и јас и Вие и кој бил друг што купил билет да го користат истиот.
Еднаквоста, пак, е многу интересен принцип кои многу често се поврзува со уште еден збор, справедливоста. Тоа е исклучително важно затоа што еднаквоста, ако ја разгледаме како „сува“ дефиниција, тогаш би значело дека треба сѐ подеднакво да се третира, како и да се дели. Но, еднакво ли е ако финансиски му помогнеме на еден сиромашен човек исто колку на еден милионер? Јас мислам дека не е, а се надевам и Вие. Затоа, клучно е еднаквоста да биде и справедлива. Еднаквост и справедливост е цената на билетот за градскиот транспорт да биде достапна за секоја категорија на граѓани и да може да Ве носи во секој правец на градот без да има исклучивост на локации.
Солидарноста пак е исклучително важна работа, особено во денешно време кога е ѝ најпотребна. Солидарноста како концепт не учи дека секој човек, или група на луѓе, кои имаат можност да имаат повеќе отколку што им треба, имаат морална „обврска“ да им помогнат на луѓето кои немаат можност да ги задоволат сите нивни потреби. Ако една баба или еден дедо зимаат по 12 илјади денари пензија, дали работоспособните граѓани, кои активно го полнат државниот буџет секојдневно и земаат просечно над 36 илјади денари, не треба да побараат дел од нивните даноци да бидат одвојуван за да ги покријат трошоците на бабата и дедото за градски транспорт?
Работиве кои ги набројуваме може и да звучат како „common sense” (здраворазумски), но не секогаш реакцијата е таква. Сепак, најголемиот дел од нас мислат дека сите треба да можат да се возат во „седмица“, без разлика дали се качувате на автобуска постојка од Центар или од Лисиче, како и дека без разлика каде живее вашата баба, таа треба да се вози бесплатно во 7-мица.
Идеологијата е многу сериозна тема, таа не смее да биде поврзана исклучиво со политичкиот живот на една држава или пак само со една политичка партија. Идеологијата постои насекаде, со неа си го објаснуваме секојдневниот живот, а принципите според кои се раководиме ни го определуваат во голем дел и моралниот компас.
Социјалдемократијата во својата суштина е идеологија создадена за обичниот човек и неговите потреби. Таа постои за мене, тебе и секој друг, без разлика дали сте богат или сиромашен, дали имате црна, плава или пак ќелава фризура, дали сте од Париз или од Казабланка.
Се разбира, најважно од сѐ, не важи само за 7-мица, може и да се качите во 5-ка, па да одите кај дедо ви во Ѓорче Петров…