На естрадното небо неодамна се појави Фрида, женска неформална дружина составена од 20тина жени. Најинтересно е што во Фрида членуваат дами од 40+.
-Постоиме само 3 месеци. Се беше непланирано и судбински. Дадов оглас за детски хор, на кој се пријавија возрасни. Си реков: Ова е знак, и не смеам да го игнорирам. Така се роди Фрида, посилна од судбината и подготвена да му покаже на светот што може и умее! Фрида е мојата женска, неформална, пеачка дружина каде се пее за своја душа, се шири радост, оптимизам, љубов и се испраќа порака за еден поубав свет, во кој ќе го вратиме мирот. Фрида е составена од 20тина жени на возраст 40+ кои имаат неодолива желба да пеат и да се дружат. Зрачиме со многу позитива, ведрина, насмевки и силна женска енергија која поместува планини, рече иницијаторката, пејачката и водителка Сузана Турунџиева и објасни зошто Фрида:
-Заради силното влијание на големата мексиканска уметница Фрида Кало, која со целата своја немоќ и инвалидитет покажала дека нема пречка која може да ја спречи да создава уметност, а и поради значењето на зборот Фрида, кој првично значи мир, додека второто значење е : мало девојче, кое колку што е убаво однадвор, исто толку е и одвнатре. Пееме безвремени песни, се дружиме и ги враќаме старите вредности на сцена. Завчера имавме прв настап, од затворен тип, на кој ги надминавме очекувањата, рече Сузе.