Максим Саморуков, независен новинар од Русија, како дел од фондацијата Карнеги, кој по започнувањето на Руската агресија бил принуден да се пресели во Берлин поради притисоците во сопствената држава, зборуваше денес за руските медиуми и колку тие останаа објективни во време на војна, но и за случувањата во политиката во Русија по започнувањето на конфликтот со Украина во февруари 2022 година.
Во денешното гостување на емисијата “Стадион” на Канал 77, Саморуков рече дека за жал не гледа решение и постигнување договор помеѓу завојуваните страни во догледно време. Како што вели може после неколку години да се изморат противниците, да се постигне примирје и да се помине неколку години во состојба ниту војна ниту мир, но не гледа надеж за постигнување договор. Според него тоа ќе биде децениска војна која ќе трае со години.
- После неколку години можен е прекин на огнот, на војната, ќе се уморат државите и општествата, но да се заклучи некој сеопфатен мир кој ќе отвори пат за конечно решавање на конфликтот, тоа е прашања за поколенија, смета Саморуков.
Тој вели дека ситуацијата со Русија и Украина лесно може да прерасне во она што се случува во Јужен Кавказ со децении наназад.
- Се плашам дека тоа може да биде како тоа што се случува во Јужен Кавказ, во Нагорно Карабах и мислам дека кон тоа оди и конфликтот Русија-Украина. Имаше прва војна деведесеттите, па прекина, па состојба ни мир ни војна, па по десетлетија страните ги обновија силите и почна нова војна меѓу Азербејџан и Ерменија…Се плашам дека кон тоа води и конфликтот меѓу Русија и Украина. За неколку години ќе бидат исцрпени сегашните ресурси, па ќе помине некој период ќе нема решение по десетлетија и пак ќе биде нова војна токму за овие територии, Донбас и Крим, вели Саморуков во интервјуто за Канал 77.
Запрашан за актуелните случувања во Македонија и евроинтеграцискиот пат на земјава, Саморуков истакна дека главната порака од Русија за Македонија е дека НАТО и Запад претставуваат закана за територијалниот интегритет на Македонија.
- Она што Русија и го порачува на Македонија е дека НАТО и Запад претставуваат загроза и закана за територијалниот интегритет и целовитост на Македонија. Всушност дека некои земји од регионот и целиот Запад не сакаат да ја сочуваат Македонија и дека ќе ја раздадат на Бугарите и Албанците. Тоа се зборуваше и се зборува на ниво на руското министерство, руската амбасада за да се спречи влегувањето и патот на Македонија во НАТО и ЕУ, нагласува Саморуков.
Целосното интервју со независниот руски новинар Максим Саморуков во најновото издание на “Стадион” на Канал 77.