Московското обвинителство денес, на 29 ноември објави дека е распишана потерница по украинската евровизиска победничка Џамала, која е Татарка од полуостровот Крим, јавува Радио Слободна Европа.
Таа е обвинета дека дистрибуирала „лажни“ информации за руските вооружени сили вклучени во инвазијата на Москва на Украина.
На почетокот на овој месец, руското Министерство за внатрешни работи ја додаде пејачката, чие вистинско име е Сузана Џамаладинова, на листата на барани лица.
Пејачката, инаку, неколку пати се изјасни против анексијата на Крим од Русија и против руската вооружена агресија во Украина.
Во 2016 година, Џамала победи на Изборот за песна на Евровизија кога изведе балада во која ја опишува бруталната советска депортација на Кримските Татари од Крим во Централна Азија во 1944 година.
Џамала се натпреваруваше во тоа време и покрај обвинувањата од Русија дека референците на нејзината песна за депортацијата на Кримските Татари биле тенко прикриен потсетник за окупацијата на Крим од Москва во 2014 година.
Во 2014 година, Русија го анектира полуостровот Крим во Украина, додека во 2014 година, делови од регионите Доњецк и Луганск беа заземени од сепаратистите поддржани од Русија.
Во 2022 година, Русија започна целосна инвазија на Украина.