Кока-Кола Хрватска денеска потврди дека еден случај со труење во Риека е поврзан со нивен пијалак. Објавата следела откако од вчера на социјалните мрежи се ширела порака со предупредување до граѓаните да не пијат сокови и вода од познатиот производител бидејќи предизвикуваат хемиски повреди на хранопроводникот и желудникот. Во пораката, меѓу другото, се наведува дека наводно неколку лица биле затруени од минерална вода во угостителски објекти во Риека.
„Свесни сме за изолиран случај поврзан со едно стаклено шише „Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate“ 330 мл. Ја изразуваме нашата длабока загриженост и се надеваме за брзо и целосно закрепнување на лицето вклучено во овој случај“, соопштија од компанијата.
Дополнително, се додава дека се „целосно отворени за соработка со сите надлежни органи“.
Случајот на труење изутрината го потврди и Клиничкиот болнички центар во Риека, имајќи предвид дека таму е хоспитализирано едно лице поради сомневање за хемиска повреда на хранопроводникот. Од болницата соопштија дека лицето во моментов е стабилно и дека дијагностичките и терапевтските процедури продолжуваат.
Случајот е пријавен во полиција, која соопшти дека на 4 ноември добила пријава дека на едно лице му се слошило додека консумирало безалкохолен пијалок во угостителски објект во Риека.