Заменик – градоначалникот на Град Скопје Александар Трајановски во емисијата „Стадион“ на Канал 77 рече дека проектот за бесплатен јавен превоз се соочува со политичка опструкција од страна на советниците. Поради тоа, во овој мандат, нема да има бесплатен јавен превоз, како што беше ветено во програмата на градоначалничката Данела Арсовска.
-Може отворено да кажеме, бесплатен превоз нема да има. Процесот се наоѓа во политичка опструкција. Во програмата беше ветен бесплатен јавен транспорт, но прво требаше да се модернизира флотата на ЈСП. Зборуваме за модернизација со нови, еколошки, електрични автобуси. Проблем е што кредитното задолжување за купување на новите автобуси не наидува на одобрување кај советниците, рече Трајановски.
На прашањето зошто со кредит се планира купување на нови автобуси, заменик – градоначалникот објасни дека и претходно Град Скопје, во време кога градоначалник беше Петре Шилегов, со задолжување набави 33 автобуси. Но, како што рече, тогаш постоела поддршка од централната власт. Трајановски смета дека без државна помош, ниту еден град, општина, не може да се инвестира во ваков проект. На Шилегов државата му била жирант, рече.
-Првично треба да се модернизира возниот парк на ЈСП. Овие автобуси кои сега сообраќаат е познато дека се со одминат рок и се во фаза во која сериозно треба да се размислува кон нови, алтернативни горива што се користат секаде во светот. Прво да почнеме со 50-тина автобуси, што го содржи предлогот даден до советници. Три пати сме одбиени. Градоначалникот Арсовска беше изричита дека мора да се дава овој предлог на секоја седница, чисто да знаат граѓаните зошто не може да се унапреди јавниот превоз. Но, претседателот на Советот одбива да го стави на дневен ред. Се’ додека немаме средства за модернизација на возниот парк не може да размислуваме за подобрување на услугите и за бесплатен превоз, објасни Трајановски во „Стадион“.
Трајановски рече дека идејата е преку набавката на нови автобуси полека да се отстрануваат приватните превозници и нивните автобуси од сообраќај, но излезе дека во овие услови тоа не е можно и приватните превозници повторно се вратени да возат.
Ветувањето за воведување на бесплатен превоз во Скопје, беше едно од клучните за победата на Данела Арсовска како независен кандидат, поддржана од ВМРО ДПМНЕ. Во втората половина од мандатот, како што рече незиниот заменик, ова не може да биде остварено поради политички опструкции.
В.К.