Двајца шведски државјани се убиени во Брисел, Белгија, а трето лице е повредено, откако во нив пикаше непознат маж со автоматска пушка. Белгиските власти напад го третираат како тероризам.
Сторителот на синоќешниот напад во Брисел, по кого полицијата трагаше, изутрината е приведен, објавија локалните медиуми. Полицијата го ранила, но е жив.
Се работи за Абдесалем Л., роден на 1 септември 1978 година, мигрант од Тунис, кој илегално престојува во Белгија . Тој бил пронајден во кафуле недалеку од станот во кој живеел во Брисел. Абдесалем Л. во Белгија престојувал од 2019 година и поднел барање за азилант.
Фудбалскиот натпревар Белгија-Шведска од квалификациите за Евро 2024 што се играше во градот беше прекинат. Убиените се шведски државјани, најверојатно навивачи, кои настрадаа на 5 километри од стадионот, каде се играше натпреварот меѓу Шведска и Белгија. Натпреварот беше прекинат, а фудбалерите одбија да играат откако ја слушнаа веста за нападот. Државното обвинителство соопшти дека е отворена истрага за тероризам.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој е во посета на Албанија, рече дека „Европа е потресена“.
Портпаролот на обвинителот, Ерик ван Дујзе, рече дека мажот кој тврди дека е напаѓачот, на видео на социјалните мрежи изјавил дека бил инспириран од групата Исламска држава. На видеото се гледа како човек кој на арапски вели дека го извршил нападот во името на Бога и дека убил три лица.
Видеото и другите поставени за време на нападот ги проверува полицијата.
фото: МИА