-Ќе одам во полиција да пријавам затоа што со години ми се случуваат закани, кола ми имаат кршено и што уште не. А единствено што правам е што се борам за моите деца и возрасни со ретки болести. Што уште немам доживеано книги можам да напишам. Но, никогаш од ништо не сум се плашел, освен од Господ. Жално е што вчера сакав шанса да му дадам да се покае и да се извини, го поканив кај мене дома да не запознае и мене и децата да види колку греши, но за жал не се кае. Тој ги навреди сите деца, не само моите, вели штипјанецот Зоран Мијалков, кој со недолични зборови беше навреден од вевчанецот Ранко Србаковски.
Србаковски на „Фејсбук“ упати расистички и ксенофобични пораки кон штипјанецот Зоран Мијалков, татко на две деца со аутизам, и се соочува со казна затвор од една до пет години.
Србакоски ја згрози македонската јавност со пораки упатени на сметка на Мијалков и на неговите две деца, а во кои во дел пишува дека се терет на државата поради нивниот атипичен развој.
Штипјанецот Мијалков посочува дека не е првпат да добива вакви пораки, најави дека случајот ќе го пријави во полиција, а вчера тоа го стори и првата детска амбасада „Меѓаши“, потврди Клементина Добревска.
Од МВР за МИА потврдија дека пријавата ја добиле во текот на вчерашниот ден.
– Ве известуваме дека 20.08.2023 година до Секторот за компјутетрски криминал е пристигната пријава за лицето Р.С од страна на Детската амбасада „Меѓаши“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот се вели во писмениот одговор од МВР.