Од студентското движење „Студентски Отпор“ сметаат дека критериумите поместени во објавата за субвенционирање на студентски оброк, значат негово укинување, не субвенционирање. Од Министерството за образование и наука велат дека финансиската поддршка годинава се зголемува и ќе стигне до оние кои навистина имаат потреба од овој тип на поддршка. На повикот за студентите од втора и повисоките години на студии, аплицирале вкупно 18.541 студенти.
Студентите бараат средба со Министерот за образование, но доколку тоа не се реализира, најавуваат протести или бојкот.
Средствата за субвенционираниот студентски оброк студентите ќе го добиваат на наменска платежна картичка
Според условите на Министерството, право на аплицирање имаа сите студенти кои се државјани на Република Македонија, редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по било кој основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.
Според најавата на МОН, студентите во претстојната академска година средствата за субвенциониран студентски оброк ќе ги добиваат на наменска платежна картичка. Студентите кои ќе се стекнат со правото на оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за да отворање посебна сметка која ќе биде поврзана со платежната картичка за студентски оброк. За отворање на сметката и издавање и одржување на платежната картичка студентот нема потреба претходно да бил клиент на оваа банка. Покрај тоа, студентот нема да има никакви трошоци околу отворање на сметка и издавање на наменската платежна картичка.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна.
Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во наведениот период не го искористи правото на субвенционирање студентски оброк, износот од субвенциониран студентски оброк не му се префрла во наредниот ден. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови.
Исто така, секој 1ви до 7ми во месецот за секој месец од академската 2023/2024 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во во овој повик.
Не субвенционирање, туку укинување значат критериумите во објавата, велета од „Отпор“
Ден по завршувањето на утврдениот рок за аплицирање за студентски оброк, 10 август, со соопштение се јавија од студентското движење „Отпор“.
Милица Давчева од Студентски Отпор вели дека ставот на студентите е дека ваквиот начин на субвенционирање всушност ќе значи укинување на студентскиот оброк.
„Многу сме ограничени во однос на искористувањето на тие средства, бидејќи многу малку угостителски објекти, речиси и да нема во кампусот на УКИМ, каде што може да се купува со картичка, бидејќи не поседуваат терминали за картички. Исто така го сметаме за нелогично и нерационално тоа што на дневно ниво ќе се исплаќаат средства за студентски оброк, зошто може да се случи некој тој ден да не може да ги искористи. Кога веќе се издвојуваат средства, ние сметаме дека би можеле тие средства да се префрлат за следниот ден и да можат понатаму да се искористат. Исто така многу сме скептични, не сме сигурни дали редовно би се исплаќале тие средства, бидејќи поучени од минатите години, кога се доцнеше на месечно ниво, се прашуваме дали би се доцнело и на дневно нивно. Поради тоа бараме да се исплаќаат средствата повторно на месечно или неделно ниво и да не постојат такви ограничувања,“ образложи Давчева.
Милица Давчева-Студенски Отпор
На овој начин парите ќе ги добијат оние студенти кои навистина имаат потреба од овој тип поддршка тврдат од МОН
Со измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, кои се направија на предлог на група пратеници, а во координација со претставниците на студентските парламенти и организации, финансиската поддршка годинава се зголемува и ќе стигне до оние кои навистина имаат потреба од овој тип на поддршка, велат од МОН.
„Се спроведува постапка за склучување на нефинансиски договор, согласно Законот за субвенциониран студентски оброк. Договорот е склучен со Шпаркасе банка со која заеднички и на поедноставен начин ќе ја реализираме оваа мерка. Банката има обврска за сите студенти кои ќе ги исполнат условите од конкурсот, да отвори трансакциски сметки и да изработи наменски картички преку кои единствено ќе можат да се користат средствата,“ се вели во информацијата од МОН.
Со вака конципираното законско решение, средствата ќе можат да се користат исклучиво за намената за која и се предвидени – купување на храна на дневна основа и тоа кај СИТЕ регистрирани правни субјекти во соодветната дејност, односно кои произведуваат, приготвуваат и продаваат храна. Исклучена е можноста средствата од повеќе денови да се насоберат на сметката и да се искористат одеднаш за нешто што не е идеја и цел на мерката. Впрочем и називот на законот е субвенциониран студентски оброк, велат од МОН во врска со прашањето околу дневното трошење на субвенционираниот студентски оброк и неможноста за префлање на неискористувањето на средствата.
Од МОН не потенцираат за кои, односно во кои фирми конкретно ќе може да се користи картичката за субвенциониран студентски оброк.
Студентски Отпор ќе бара средба со Министерот, најавува протести ако не се реализира
Претставничката на Студентски Отпор, Милица Давчева вели дека будно ја следат состојбата и дека голем дел од студентите не се задоволни од новиот Предлог-закон
„Ние сме во координација и со студентите од другите факултети. Сметам дека е крајно време МОН да размисли пообјективно и да ни излезе во пресрет на нас студентите. Бараме исто така и покачување на висината на средствата за студентскиот оброк, бидејќи реално со 140 денар на ден не би можеле да си дозволиме квалитетен и убав оброк. Бидеќи голем дел од нас студентите, подолго време се задржуваме на факултет, имаме и подоцна предавања. Тие 140 денари воопшто не се доволни во овие услови на голема инфлација и економска криза,“ вели Давчева.
фото-ФБ Студенски отпор
Таа додава дека нивните следни активности во врска со исплатата на субвенционираниот студентски оброк е средба со Министерот за образование и наука.
„ Доколку не се оствари таа средба, не е исклучена можноста да се излезе на протест или на бојкот. Така да во наредниот период ќе ја следиме будно ситуацијата и секако ќе бараме решенија коишто би биле најсоодветни,“ вели Давчева.
Од МОН информираат дека на повикот за студентите од втора и повисоките години на студии, аплицирале вкупно 18.541 студенти. За останатите кои ќе стекнат статус на студенти во меѓувреме, односно ќе запишат зимски семестар во 2023-2024 година, повикот ќе биде отворен од 1 до 7 октомври.
В.Крстева