Живееме во време кадешто навистина не се негува правилниот, точниот и убав македонски збор, македонската реченица. Тоа не значи дека сите се приклонуваат кон тоа лошо зборување, но голем дел, и по медиумите и по телевизиите има доста од она што не треба да го слушаме, кажа професорката, директорка на Меѓународниот семинар на македонски јазик и култура Весна Мојсова Чепишевска при денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77
„ Но тоа е е тоа. Во оваа динамично време, некаква нова динамика влезе и во самиот јазик. Аспектот дека ние си го зборуваме дома, дека тоа не прави познавачи на јазикот е точно, ние сме најдобри познавачи на тој јазик, секојдневниот, говорниот, но не велам дека сите ние го знаеме добро, стандардизираниот јазик. Од друга страна, денешните млади се помалку се заинтересирани да го изучуваат јазикот. Скоро сите јазици се грижат дека се малку загрозени од експанзијата на англискиот јазик. Тоа е јазикот на интернетот, на информатичката технологија. Сепак можеби и тој во некој период ќе премине во некој друг синтетизиран нов јазик. Во принцип ние треба да се посветиме многу сериозно на таа проблематика, затоа што станува збор за едно мало говорно подрачје, за мал број на луѓе коишто го зборуваат македонскиот јазик. Но од друга страна тој јазик, додека постои и последниот којшто ќе го зборува, ќе постои,“ вели Мојсова Чепишевска
Ова е генерален проблем воопшто за сите јазици, но мора да се направат напори да се покаже дека вистинската вредност е во тие разноликости .
Во тој контекст е и постоењето на Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература.
„Тоа ни е на еден начин тестаментална порака од Блаже Конески, кој не обврзува ние да имаме вистински влог во развојот на странската но пред се на домашната македонистика,“ појаснува Мојсова Чепишевска.